Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми во говорот на Петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК) истакна дека земјата нема да претрпи никаква штета ако го исполниме условот за измена на Уставот и ги почнеме преговорите со ЕУ. Неговиот колега од Националниот комитет за европски прашања, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски рече дека главните политички партии во Македонија имаат консензус по прашањето за проширување на Унијата и побара овој процес да не се злоупотребува.

Адеми рече дека сме исправени пред еден голем предизвик што е поврзано со уставните измени и предуслов за отворање на кластерите. Лично, но тоа е став и на ДУИ, рече Адеми, „Република Македонија нема да претрпи никаква штета ако го исполниме овој услов и во нашиот Устав се вклучат и други етнички заедници вклучувајќи ја и бугарската“.

Тоа, според него, треба да го направиме што е можно побрзо, ако навистина мислиме, а не само декларативно да го следиме европскиот пат.

Поборник сум за широк, меѓупартиски државен општествен консензус. Сметам и длабоко сум уверен дека немаме право да се откажеме од зацртаните стратешки цели, кои се генерациски и не се во функција на дневната политика. Потполно ги поддржувам Владата и напорите на нашите институции да влеземе во ЕУ во 2030 година. Помалку да се занимаваме со политика, а повеќе да се фокусираме на реформите, рече Адеми.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции при Собранието Александар Николоски истакна дека за обичните граѓани членството во ЕУ се сведува на економска состојба и подобар живот и функционална правна држава, а во овој момент ги немаме ни двете.

Николоски рече дека ентузијазмот за ЕУ опаѓа, а се повеќе граѓани се иселуваат, што веројатно е одговорност и на ЕУ и на Македонија.

Македонија има свој уникатен пат за влез во Унијата различен од патот на која било друга членка. Ќе се согласите дека ваков притисок од соседите прво Грција, па сега Бугарија никоја друга земја немала, истакна Николоски.

Кога ќе ги погледнеме работите дома, додаде тој, она што најмногу му пречи е боењето на работите црно и бело, користењето на европските интеграции за внатрепартиска политика.

Па можеме често да слушнеме дека едни се проЕУ други се антиЕУ, што мислам дека е злоупотреба на овој процес затоа што во главните политички партии во Македонија апсолутно не постојат разлики, туку постои консензус по однос на проширувањето на ЕУ. Не постои посериозна политичка партија која е против ЕУ и тој дискурс треба да се тргне, истакна Николоски.

Од една страна, истакна тој, политичари зборуваат за ЕУ, а корупцијата расте и нема функционална правна држава.

-Не мислам дека проЕУ оди со прокорупција, ако ми дозволите корупцијата се спушти на најниско можно ниво во државата, рече тој.

Се надева дека вакви конференции ќе помогнат и за намалување на поларизацијата по сите основи, не само политичка.

Адеми и Николовски зборуваа на отворањето на Петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК) која се одржува во Собранието. На пленарната сесија се дискутира на панели на темите „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи“ и „Како да се справиме со климатските промени и социјалните последици во земјоделството, шумарството и животната средина“. Пред нив говор имаше и претседателот Стево Пендаровски, а потоа и амбасадорите на ЕУ и на Слковачка и заменик-амбасадорот на САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.