Сакаме учениците да се вратат на училиште зашто наставата таму нема замена, колку и да се трудиме. Ќе бидеме подготвени за какво било сценарио, но посакуваме во најнормални услови и околности да се вратиме во училиштата од 1 септември, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми во гостување во последната „ТВ Училница“ која од 16 март секој ден претпладне се емитуваше на Македонската радио-телевизија.

По повод крајот на учебната 2019/2020 година, министерот Адеми и на својот Фејсбук-профил им честитаташе на учениците за постигнатите успеси и стекнатото знаење, посакувајќи им пријатен распуст до почетокот на новата учебна година, со надеж дека „ќе се вратиме во училишните клупи“.

Драги ученици, би посакал оваа учебна година, како претходните години да ја завршивте во училишните клупи, насмеани заедно со вашите другари и другарки! Но, понекогаш работите не одат како што сакаме ние… И покрај фактот дека не може да се замени наставата во училишните клупи, вие покажавте максимален интерес и посветеност да продолжите да учите од далечина со помош на родителите, и не се сомневам дека сте ја постигнувале целта, напиша Адеми на Фејсбук и им предложи на учениците на распустот да прочитаат некоја книга или лектира и да се вклучат во спортски активности. На матурантите и дипломците, пак, им посакува успех во уписите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.