Законот за попис на населението предвидува граѓаните да се попишат според местото каде што живеат, а не според адресата во матичните книги, додека вкрстувањето на податоците се прави само за лицата коишто се попишале на терен и не може да се евидентираат лица коишто не се сретнати на терен, велат од Алијанса за Албанците.

Апелираме, под итно да се отстранат импутираните 132 илјади лица, бидејќи тие не биле попишани на терен, им недостигаат етничката припадност, куќите или становите каде што живеат, професијата, нивото на образование, работното место и многу други податоци.

Бараме од Заводот за статистика под итно за нерезидентните лица да ги објави општините кадешто живеат во земјата, каде тие поседуваат куќа или стан и секоја година се враќаат и придонесуваат за економијата на државата, велат од партијата.

Според нив, опфаќањето на импутираните лица без етничка припадност од една страна и необјавувањето на живеалиштето на лицата од дијаспората имаат негативно влијание во прикажувањето на реалниот процент на етничките заедници во земјата и со тоа се ставаат во опасност колективните права коишто ги уживавме до сега.

Конкретно, процентот на Албанците во Кичево опадна под 50 отсто и со тоа се загрозува правото на употребата на националното знаме. Резултатите на пописот се изманипулирани и ова го потврдува еден неспорен факт за којшто надлежните ќе треба да дадат објаснување. Од објавените резултати имаме околу 400 илјади лица до 18 годишна возраст, додека на гласачките листи од истата година, 2021, имаме 1.8 милиони гласачи. Ако направиме збир на гласачите и лицата под 18 години ќе добиеме резултат најмалку 2 милиони и 200 илјади жители, додека од пописот се објави дека резидентното население и нерезидентното вкупно се 2 милиони и 90 илјади. Само според официјалните податоци недостигаат најмалку 100 илјади жители.

Ако Државниот завод за статистика не ги коригира овие нерегуларности, ние ги потсетуваме дека кривично ќе одговараат според член 49 на Законот за попис со којшто за вакви манипулации се предвидува најмалку 5 години затвор, реагираат од Алијансата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.