Се наоѓаме на местото каде некогаш беше Преспанското Езеро, да, на местото каде што стоиме пред две години имаше вода, денес езерото е повлечено од 50 – 500 метри кон средината. Ова што се случува во Преспа, а е резултат на неспособната влада и нејзината желба за профит го загрозува животот како на луѓето, така и на целиот животински и растителен свет во Преспа и целиот Југозападен регион на Република Македонија, вели Цветан Трипуновски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Нивото на езерото е опаднато за над 5 метри. Ова е рамно на еколошка катастрофа, а на истата сме сведоци секојдневно. Изумрена риба на бреговите, намален кислород во езерото, со што практично е загрозен целиот рибен фонд, и опасност од трајно исчезнување на езерото.

Преспанското езеро е езеро кое што го полни Охридското Езеро, и доколку дотурот на вода во истото е слаб, а одливот голем, може да дојде до целосно пресушување, што во моментов и практично се случува. Ова пред се е резултат на големото трошење на водата од Црни Дрим за производство на струја и големиот одлив кон Охридското езеро, но и непланското трошење на водата од Преспанското Езеро, потенцира тој.

Ова е национална катастрофа, која има име и презиме – Зоран Заев. Некој за ова мора да понесе одговорност. Се става во крајна опасност опстанокот на езерото, опстанокот на туризмот во регионот, но и животинскиот и растителниот свет во овој регион. Во Република Албанија имаше и парламентарна расправа и се активираат голем број на чинители за спас на езерото, но во Република Македонија, каде се наоѓа поголемиот дел од езерото, владата молчи и дозволува тоа бавно да исчезнува и пресушува, истакна Трипуновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.