Во организација на Републичката комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ во чест на 90 години од раѓањето на Драган Богдановски, се одржа панел дискусија за неговото животно дело.

Драган Богдановски (с. Клечовце, Кумановско, 18 септември 1929 – Фредериција, Данска, 31 мај 1998) — еден од најпознатите македонски политички емигранти по 1945 година и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ. Богдановски 30 години бил во челните редови на патриотски настроената македонска емиграција.

Потекнува од позната селско-земјоделска фамилија со патриотски корени (дедото на Драган е илинденец-комита во четата на Атанас Бабата). Основно училиште завршува во родното село, а средно образование во Куманово и Битола, по што во 1948 г. се запишува во Белград (Земун) на факултет за земјоделство и шумарство. Во Белград уште во третиот семестер од студиите се пројавува како иницијатор за формирање на „Македонски студентски клуб”, за која активност бива затворен и издржува казна од 4 месеци во злогласниот затвор на Обилиќев венац. По излегувањето од затвор е исклучен од факултетот без право на упис на било кој факултет во Југославија.

Животот во егзил

Јужна Америка и Франција

Таа драконска мерка на факултетските власти во основа го менува животот на Богдановски. Одлучува да ја напушти земјата и во пролетта 1950 год., заедно со неколкумина колеги студенти, кај Гевгелија ја преминува границата. По задолжителен престој во бегалски логор, кон крајот на 1950 г. заминува за Јужна Америка, каде престојува во Аргентина и Бразил до 1954 г. Желбата за наука не го напушта, за што се враќа во Париз и на Сорбона запишува Факултет за политички науки и журналистика. Уште веднаш започнува со политичко дејствување, ја формира организацијата „Македонски национален фронт” и започнува со издавање на весникот „Македонска искра”. Од овој весник успеваат да излезат неколку броеви и по интервенција на југословенската и грчката амбасада е забранет.

Норвешка

Во 1958 г. се жени со Брита, ќерка на тогашниот главен архитект на Осло, и заминува да живее во Норвешка. Со неа има два сина (Пер-Арне и Иван). Во Осло оспособува печатница на кирилично писмо и преку пишан збор врши национално-политичка активност. Во 1958 г. се јавува како покренувач за издавање на повеќе весници, списанија и книги за Македонија. Го издава списанието „Македонска лоза” и „Слободна Македонија”, потоа го печати весникот „Македонија”, списанието „Македонска нација” и сл.

Осудување и заробеништво

Богдановски за првпат ќе биде оквалификуван како противник на Југославија по состанокот со Владо Дапчевиќ, еден од творците на Новата комунистичка партија на Југославија, формирана со поддршка од тогашниот СССР. Донесена е одлука за доведување на Драган Богдановски во Југославија и негово судење. Како раководител на ДООМ во 1977 г. Богдановски е киднапиран во Париз и доведен во Југославија. Него го киднапираат припадници на СДБ, во станот на друг член на ДООМ, и со дипломатско возило е пренесен во Љубљана, а подоцна и во Скопје. Со врзани очи бива одведен во полициски објект во близина на Македонски Брод каде што е под истрага 18 месеци. Судскиот процес против него е организиран зад затворени врати, на кој процес е осуден на 13 години затвор. Помилуван е во 1988 година.

Години по заробеништвото

По излегувањето од затвор во 1988 година, кратко време живее во Скопје, а штом добива патна исправа заминува во Малме, Шведска, каде ја подготвува програмата за формирање на национална политичка партија во Македонија (која е отпечатена во весникот „Млад Борец”). Таа партија по идеја на Драган Богдановски треба да се вика „Демократска партија на македонско национално единство”, ДПМНЕ. Во 1990 година заедно со Гојко Јаковлевски од Берлин, се состануваат во Минхен, каде се донесува одлука за формирање на партијата со предзнак ВМРО. На состанокот присуствуваат и Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски и Владо Транталовски од Ресен, по што партијата се формира и регистрира во Македонија.

Последни години

Умира на 31 мај 1998 г. во воз (во местото Фредериција, Данска), на пат од Шведска во Германија. Погребан е во присуство на семејството и најблиските во Куманово на 1 август 1998 г. Беше погребан на 2 август, на погребот учествуваа членовите на неговото семејство, неговите пријатели, општинските раководители на градот Ресен и само еден претставник од ВМРО ДПМНЕ.

Дејност

Политички организации во странство

Неговата активност најмногу е изразена како иницијатор за основање на бројни политички организации на Македонците во странство. Во 1963 г. доаѓа до формирање на прва македонска национална организација Ослободителен комитет на Македонија (ОКМ), која во 1972 г. се трансформира во Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ). Богдановски на чело на ова организација доаѓа уште во 1967 г.

ДООМ развива широка активност помеѓу Македонците кои по 1960-тите години масовно ја напуштаат својата земја од економски или политички причини, поради што набргу се соочува со тогашната Служба за државна безбедност (СДБ), која ги следи и повремено ги попречува неговите активности. Се организира кражба на неговата печатница во Минхен, која е пренесена од Осло во Брисел па во Минхен и во која се печати списанието „Македонска нација”.

Сепак, СДБ не презема акции за целосна елиминација на дејноста на Драган Богдановски, бидејќи тој со својата борба делува против дејствувањето на разни странски пропаганди, политички или црковни институции кои Македонците во странство ги поплавува со прогрчка, пробугарска и друга пропаганда, каква што спроведуваа „Панмакедоники”, МПО на Ванчо Михајлов, „Славјански комитет” на НРБ и други. Во тој период (1958-1977) најголема битка водеше против МПО.

Основање на ВМРО-ДПМНЕ

На првиот конгрес на ВМРО ДПМНЕ, одржан во Прилеп на 6 и 7 април 1991 г., Богдановски е избран за почесен претседател на партијата, а од 1991 до 1993 г. е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО ДПМНЕ за Европа.

Сепак, доаѓа до заладување на односите помеѓу него и претседателот на партијата, Љубчо Георгиевски. Во 1993 г. доаѓа до конечното разделување од ВМРО ДПМНЕ. На 5 мај 1993 година Богдановски формира нова партија, Македонски национален фронт, со седиште во Прилеп, но таа партија не успева да заживее и Богдановски се враќа во Шведска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.