Според категоризацијата на ризикот од Светската здравствена организација (СЗО), се проценува дека ризикот за понатамошно ширење на ковид-19 во Македонија е многу висок, наведува Институтот за јавно здравје.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, најголем број заболени во земјава се на возраст од 50 до 59 години, 292 случаи односно 20,9 отсто, каде е регистрирана и највисока специфична инциденца, додека најмала инциденца од 22,4 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 10-19 и 0-9 години, каде се пријавени 56 и 51 случаи соодветно.

Кај лица над 60 години регистрирани се 287 случаи со инциденца од 74,9 на 100.000 жители.

Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 662 машки и 737 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 63,9 на 100.000 жители, додека кај женските 71,4 на 100.000.

Регистрирани се 65 смртни случаи, 4,6 отсто. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 11,2 на 100.000 жители. Регистрирани се 46 смртни случаи кај лица од машки и 19 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 50 (76,9 отсто) се регистрирани коморбидитети.

Од пријавените случаи, 22,9 отсто, односно 320 се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле или се уште се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,8 отсто), кашлица (53,2 отсто), малаксаност (34,7 отсто), треска (19 проценти), главоболка (16,4 отсто), болка во грло (15,8 отсто) и отежнато дишење (15 отсто).

Кај 485 или 34,7 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 344 или 70,9 проценти имале контакт со веќе потврден случај во државата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.