Граѓаните очекуваат сериозен пристап, а не аматеризам, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако во текот на вчерашниот ден 22 пациенти починаа како последица од корона вирусот.

Од партијата како директен виновник ја посочуваат Комисијата за заштита од заразни болести и Венко Филипче кои го преспаа цело лето без ништо да направат со цел да ја подготват државата за есенскиот бран.

Секој ден е нов пик. За една недела имаме над 2000 заболени, а Филипче кој тврдеше дека толку ќе биде бројот на заразени во тек на цела пандемија, не гледа причина да си поднесе оставка, стои во соопштението.

Додаваат дека министрот за здравство го внесува системот во хаос и не направил ништо за зголемување на болничките капацитети, иако знаел дека не очекува есенски бран.

Власта не направи ништо ниту навремено да обезбеди вакцина против сезонски грип, а со тоа ги остави возрасните и хронично болните на силен удар на грипот во време на пандемија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ потенцирајќи дека министерот Филипче не инвестира ниту во здравствениот персонал, а со таквото менаџирање само допринесува медицинскиот кадар да ја напушта државата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.