22-ца Митрополити од Северна Грција изразија несогласување со Договорот од Преспа. Во писмо напишано на шест страници и испратено до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, до грчкиот државен Врв и Архиепископот Иеронимос изразија жалење бидејќи не биле послушани нивните ставови, загриженоста и размислувањата за договорот.

Ратификација на Договорот од Преспа од парламентот на Грција, како и признавање на Автокефална црква на Македонија, не само што нема да бидат основа за мирен соживот на грчкиот народ и народот на соседната земја, туку ќе бидат постојано жариште за негување на иредентизам и непријателство. Бидејќи ниту еден договор не може да просперира ако не се базира на вистината, пишуваат Митрополитите.

Митрополитите на чело со Солунскиот Антимос упатуваат молба до политичарите секој да си ја земе предвид својата историска одговорност и да не се најде соочен со народот и историјата, а тие ќе продолжеле да си ја извршуваат должноста и ќе биле против се што ја оцрнува историјата на нивната татковина.

И претседателот на Грција Прокопис Павлопулос во честитката упатена за Новогодишните и Божиќните празници ги повтори неговите ставови дека нема да прифати своеволни толкувања на Преспанскиот договор.

Не сме подготвени во пресрет на дефинирањето на договорот од Преспа и секако пред неговата ратификација, да прифатиме толкувања на Договорот од Преспа кои што се своеволни или зрачат иредентизам, бидејќи уште ништо не е завршено, рече претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.

Грчкиот претседател истакна дека Договорот ќе дојде за ратификација во Грчкиот парламент откако ќе заврши уставната ревизија за решавање на прашањето со името согласно историјата и меѓународното право.

А пред влегувањето на договорот во законодавниот дом на Грција Спикерот Никос Вуцис за ЕРТ изјави дека имплементацијата е задолжителна, во спротивно Република Македонија ќе се користи за меѓународна употреба.

Ако не се заврши процесот она што ќе остане е Република Македонија, вели Никос Вуцис, претседател на грчкиот парламент.

Според најавите Договорот од Преспа треба да биде ратификуван во Парламентот во Грција кон средината на февруари или почетокот на март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.