Овој век, како и светот во кој ќе живееме, ќе биде помалку живописен и со помалку општествено шаренило, каков што беше минатиот, 20. век, пишува познатиот перуански писател Марио Варгас Љоса.

А оваа 2020 ќе биде година која сакаме да ја заборавиме по сите критериуми. Необична во секоја смисла, полна со неизвесност и страв, пред сè поради ковид-19. Тага и болка дека не смееме да ги прегрнеме блиските и пријателите. Тешко дишеме под маските, а уште потешко ни е да не заразиме некого, да не го пренесеме вирусот. А од друга страна пак, какво време да бидеш жив и да бидеш сведок! Сведок дека науката ќе победи, па нели почнува третата декада од 21 век!

Точно 98.653 пати имам напишно коронавирус, ковид-19, коронакриза, пандемија, епидемија, вирус, вакцина, инфектолог, епидемиолог, лекар, министер, Венко Филипче, прес-конфренција, СЗО, изјава, новото нормално, дневна статистика, починати, новозаразени, оздравени, Д3, витамин Ц, сумамед, антибиотик, ретген на бели дробови, клексан, д-димери, Италија, Кина, лилјак, Шпанија, карантин, локдаун, Лондон, граница, д-р Пановски, ПСР тест, Косово, избори, Нов Зеланд, д-р Даниловски, маска, маска, маска, растојание, миј раце, миј раце, миј раце, убаво триј, правилно носење маска, покриј го носот, онлајн настава, физичко присуство, тимс, национална платформа, тестови, зум, родителска на зум, Нова година со четворица – не повеќе.

Не се доведува во прашње во ниту еден момент дека медицинските работници се личностите на годината секаде на планетата. Лекари, медицински сестри, лаборанти, хигиеничари, болничари, возачи во Брза помош. Ниту пак некој ги заборави волонетрите во Црвениот крст, вработените во маркетите, градежните работици кои креваа модуларни болници, вработените во фабриките, фармацевтите, вработените во текстилните фабрики, во банките, добрите луѓе, соседите и пријателите кои пазаруваа и носеа храна на изолираните и болни од ковид-19. Сигурно листата е многу долга и има уште многу на кои треба да им бидеме благодарни. Лекарите би рекле: За нас е доволно е само да ги почитувате препораките! Исто како да сте ни помогнале.

За „Република“ освен што сите овие погоре наброени се личности за 2020 година, посебно ги истакнуваме семејството на Емилија Динева, жената чие срце и бубрези беа донирани на тројца пациенти, откако го изгубила животот во сообраќајна несреќа и македонската фудбалска репрезентација кој првпат избори пласман на Европско првенство.

Со срцето на Динева беше извршена првата трансплантација во земјава. Тоа продолжи да чука во градите на 54-годишниот пациент Иван Огњановски. На трансплантацијата работеше тим на доктори: Проф.д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Маја Мојсова, д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Зравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски.

Семејството на Емилија се соочи со неопислива тага и болка, бидејќи изгуби мајка, сопруга, пријателка, ќерка. Но, тие се решија на највисокиот чин на човекољубие, ги даруваа органите и спасија други животи. Тешко оди тоа кај нас, овој чин на дарување органи, кое е практика во светот, но, Диневи ни се патоказ како треба да се постапува. И тоа токму во оваа гадна 2020 година.

Македонската фудбалска репрезентација првпат во својата историја ќе игра на едно големо натпреварување откако ја совлада Грузија со 1-0 во финалето на плејофот на Лигата на нации, обезбедувајќи пласман на Европското првенство презакажано од оваа за следната година.

Стрелец на единствениот гол на мечот беше капитенот Горан Пандев кој обезбеди победа во финалето на плеј-офот против Грузија.

По последниот свиреж на судијата, македонските репрезентативци ја прославуваа победата на средината на теренот опкружувајќи го 37-годишниот капитен Пандев кој не можеше да ги задржи солзите. Радоста подоцна експолодира по улиците низ градовите. На сите ни беше потребен овој успех и оваа катарза.

Европското првенство ќе се игра од 12 јуни до 12 јули следната година, а домаќини ќе бидат 12 градови во исто толку држави. Македонија ќе биде дел од Ц-групата и ќе дебитира на 13 јуни против Австрија, на мечот што ќе се игра во Букурешт. Во второто коло на 17 јуни, Македонија ќе се соочи со Украина во Букурешт, а четири дена подоцна е дуелот со Холандија во Амстердам.

За 2021 посакуваме да продолжи победничкиот ритам на фудбалерите, да ни бидат „ветер во грб“ бидејќи малку е потребно за радост.

И да не ги заборавиме човечноста, хуманоста, емпатијата, солидарноста. Да ги негуваме, бидејќи ќе ни бидат уште повеќе потребни. И да сме здрави и живи во Новата 2021 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.