Полковникот Драган Ковачки на Фејсбк се притестува на 28 април 2001 година кога во масакр кај Вејце загинаа осум бранители, а четворица беа ранети.

Оттогаш поминаа 20 години, а за дејствата во војната се напишаа неколку книги од стратегиско-оперативен аспект. Се родија и нови генерации Македонци кои од тие книги ќе имаат можност да се запознаат детално со борбените дејства што тогаш ги изведуваа АРМ и МВР.
Сепак, денеска, на 20-годишнината од злосторството, не сакам да зборувам за борбените дејства, туку сакам да кажам 2-3 збора за пожртвуваноста која ги красеше македонските херои во текот на војната од 2001 година.

 

Затоа, за најблиските на паднатите борци, за нивните поколенија, за младите генерации кои не биле родени во тоа време или биле премногу млади да се сеќаваат, за повозрасните кои го преживеаја ужасот на војната, за повозрасните кои не беа на фронтот но не седеа на страна и секојдневно пред ТВ екраните го преживуваа тоа што го преживуваа војниците и полицајците на фронтот, но и за оние малкумина кои во тоа време одеа на плажа во соседна Грција и не им беше важна судбината на татковината, сакам да ја истакнам силата и големината на македонскиот патриотски дух на бранителите на државниот суверенитет, територијален интегритет и чест.

Еве ги карактеристиките на тогашните воини кои загинаа за Македонија:
1. Патриотизам до фанатизам.
Љубовта кон Македонија никогаш не беше доведена во прашање. Тие луѓе што беа на фронтот, ги заборавија своите семејства и заминаа да загинат за Македонија. Да, добро читате, тие, но и сите што беа на фронтот, свесно или потсвесно знаеја дека е голема веројатноста да не се вратат и дека ако треба за Македонија ќе ги положат своите животи.
2. Храброст до безумие.
Никогаш не беше доведено во прашање извршувањето на задачите и во заднина на непријателот (на територии контролирани од непријателските сили) поради страв од смртта или ранување. Напротив, храброста што ги красеше тие момци, им даваше дополнителен мотив и го креваше моралот и кај останатите војници и полицајци кои беа мобилизирани во текот на дејствијата.
3. Самосвест и тимски дух развиени до ранг на фамилија.
Специјалци обучени да се грижат и борат за другарот лево и десно од себе како да се борат за себе и во потполност разбирајќи ја суштината на: Јас сум немоќен, но заедно сме семоќни!
Нека им е вечна славата на паднатите бранители од 2001 година, на момците за кои историската вистина е претворена во легенда.
Нивните жртви не смеат да бидат залудни и заборавени, а Македонија мора да се гордее што раѓала, раѓа и ќе раѓа синови и ќерки што нема да и’ го вртат грбот кога и’ е најтешко.
Македонија денеска се сеќава на жртвите на безумието на тие што оттогаш до денеска ја владеат и угнетуваат.
Вечнаја памјат браќа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.