Аудио материјалот кој во неделата беше објавен, а на кој се слуша како поранешниот премиер Зоран Заев зборува за своето влијание врз обвинителството и судството, покажува дека тој пука во чело на правдата, ама онака ладнокрвно, со умисла и без каење – смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Вечерва ВМРО-ДПМНЕ организира протест против неправдите кои, како што велат, власта на Заев ги нанесе на Македонија.Мицкоски пред насобраната толпа изјави:

Со тој неправилен граматички, но разбирлив јазик слушнавме како ја егзекутира правдата, што би рекол “трас-трас”, а правдата умира бавно, споро. Затоа што Заев нема допрено нешто, а да нема контаминирано. Тој е правдоубицеот во државата.

И нема мака пред камерите лажно да се прикажува дека бил европски политичар, кој еве гледаме уште железни опинци не облекол, дека градел едно општество за сите, дека е визионер…човек гледа и не може да се изначуди. Каква визија какви бакрачи. Чувме во аудио-материјалот што е реалноста, да цитирам ли: “договорено е со Врховен”, “без Заев не се може”, “трас-трас и ете одлука на Врховен суд”, “Катица знае за се што треба да се случи”, или закон за СЈО или одлука на Врховен суд ама случаите ќе паднат. Ете тоа е е таа сурова вистина.
И еве поминаа повеќе од 48 часа, а нема никаква,… никаква суштинска реакција ниту од Рускоска, ниту од било кој друг. Ако Заев е “капо де тути капи” на мафијата, главните советници и верни заштитници на неговиот криминал се Вилма Рускоска и Љубомир Јовевски. А гледаме дека ништо помалку не биле ниту Врховните судии. Нивните усти се замолкнати, додека ни се уништува државата, додека ги губиме институциите. Овие двајца плус уште неколку врховни судии засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се преставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Зоран Заев. Ама ова пустото не се брани. Луј Витон судството е последица на Луј Витон премиер, мераклија за куферчиња и пари. За пусти пари. Не може луѓе да одат во затвор за кутија цигари, а за кражба на држава да стануваат премиери. Тоа не може и на 12 април ќе му покажеме каде му е местото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.