12 илјади долари коштал летот на директорот на СОЗР при Владата, кој со четири колешки во петокот со владиниот Лирџет леташе за Љубљана. Според експертите со кои се консултираше „Нетпрес“, вкупните оперативни трошоци за еден час летање со Лирџетот 60, изнесуваат 4.000 долари. Стандарден екипаж е, еден од пилотите да е овластен инструктор за тој тип авион или пробен пилот, и по потреба воздухоповен инженер или техничар, доколку треба да верификува нешто во текот на летот.

Според демантот што Петар Мирчевски го испрати до медиумите, тој не бил на шетање, туку станувало збор за тренинг лет, кој заради безбедност мора да се изврши за владиниот авион.

Летот е извршен на релација Скопје-Охрид-Љубљана. Во авионот има двајца пилоти, еден инструктор и четири лица. Летот почна во 7:30 часот, а по Охрид авионот продолжи за Љубљана, бидејќи тестирањето на авионот подразбира три часа непрекинат лет, пишуваше во соопштението.

Доколку тоа навистина е така, според експертот на „Нетпрес“, лет за проверка (пробен или контролен лет) се прави после техничко одржување од нивото на Д-чек, или по потреба, после отстранување на некој дефект на авионот, а најчесто во рамките на базното одржување.

Бидејќи базното одржување на Лирџетот е во Аеро-Диенст, Нинберг, Германија, летот за проверка би требало да се направи таму, или летот за пребазирање до Скопје, да се искористи како пробен лет за проверка на системот, склопот, делот или инструментот кој бил поправан, вели експертот додавајќи дека, во зависност од природата на дефектот што се отстранува, сложеноста на техничкиот зафат и проценката на ризикот, летот може да трае од десетина минути, до неколку часови или пак може да се потребни и повеќе летови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.