Собранието на Република Македонија со 101 глас „за“ i без воздржани и против ја избра новата техничка влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април. Премиер во техничката Влада е Оливер Спасовски.

Спасовски во експозето пред пратениците истакна дека нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога од нас се очекува непречено функционирање на сите институции.

Ова е време кога треба да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат активностите за членство во НАТО и во ЕУТокму затоа предводењето на Владата во ваков период претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност, рече тој.

Спасовски до Собранието достави програма за работа на Владата, чија основна цел е организирање  фер и демокрарски избори.

Според Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, Владата во периодот до изборот на следната политичка влада за свои стратешки приоритети ги потврдува успешно организирање слободни фер и демократски предвремени парламентарни избори, полноправно членство на РСМ во НАТО, успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ, развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, реформи во правосудството, целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, намалување на аерозагадувањето, одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнење на владеењето на правото преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа и реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатика технологија.

Промени во составот во однос на последната Влада на премиерот Зоран Заев, кој утрово поднесе оставка, има само во делот на предложените министри и заменици од ВМРО-ДПМНЕ, како и на вицепремиерското место за економски прашања. На местото на Кочо Анѓушев, кој поднесе оставка, ќе биде Мила Царовска, која беше министерка за труд и социјална политика. Министер за внатрешни работи во техничката Влада е Наќе Чулев, а министер за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија предложи и дополнителни заменици министри во земјоделство, информатичко општество и администрација и во финансии. СДСМ предложи дополнителни заменици министри во министерствата за внатрешни работи и во труд и социјална политика. Замениците министри ќе бидат избрани на нова седница.

За време на седницата според договорот на парламентарните групи зборуваа Артан Груби од ДУИ, Панчо Минов, независен пратеник, координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Министрите во новата Владата дадоа свечени изјави, а во 18 часот ќе почне собраниската седница на која треба да бидат избрани дополнителните заменици-министри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.