Десет од вкупно 11 пациенти кои беа денеска евидентирани во извештајот на Министерството за здравство дека починале од компликации од ковид-19 биле хоспитализирани настрана од ковид центрите и се лекувале од друга патологија, а покрај ковидот имале и друга болест, велат за „Република“ од Министерството за здравство.

Вкупно 21 пациент почина како последица од компликации од ковид-19, а во последните 24 часа се регистирани 444 нови случаи од 2.518 тестирања.

Во извештајот на Министерството за здравство пишува дека од евидентираните починати, 10 се со датум на смрт од претходните три недели денес пријавени во Институтот за јавно здравје.

Во случајов станува збор за 10 пациенти од Тетово кои биле дополнително процесирани затоа што дел од нив се пациенти кои биле хоспитализирани настрана од ковид центрите и се лекувале од друга патологија, а покрај ковидот имале и друга болест. Кај дел од нив резултатите од анализите за ковид се стасани откако биле пријавени за починати. Затоа датумот на смрт не е ист со пријавата за ковид позитивен брис. Сите починати лица кај кои вирусот е детектиран се пријавуваат до ИЈЗ без оглед на тоа дали инфекцијатат со вирусот била директна причина за смртта, придонела кон истата или пак вирусот постмортем бил откриен кај пациент кој починал иницијално од друга болест, велат од МЗ за „Република“.

Во ИЈЗ се пријавуваат сите починати лица кај кои бил детектиран вирусот на ковид 19. Пријавите пристигнуваат од ковид центрите во болниците доколку пациентие се починати таму, од Центрите за јавно здравје кои ги собираат анкетните листови од сите останати одделенија во болниците, од матични лекари или директно од семејствата.

За дел од починатите брисевите се земаат постмортем и резултати стасуваат подоцна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.