Управата за финансиска полиција поради постоење основи на сомневање за сторено кривично дело „Даночно затајување“ до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Л.С. која во својство на физичко лице во периодот од 21.06.2017 година до 07.07.2017 година, на личната банкарска сметка, во три наврати примила парични средства во вкупен износ од 16.095.600 денари, по основ на склучен Договор за изготвување на „Проект за Интернационална асоцијација за заштита на човековите права“ со Друштвото ИЗГРАДБА ИНЖЕНЕРИНГ ДАН-МАК Скопје и лицата Е.Н. и Д.Н..

Како што информира Финансиската полиција, расположивите парични средства како остварен приход Л.С. ги подигнала во целост и во готово за себе лично, при што без да ги пријави во Годишната даночна пријава за 2017 година до Управата за јавни приходи, не пресметала и не уплатила Персонален данок на доход во висина од 1.788.398 денари, за кој го оштетила Буџетот.

Управата за финансиска полиција постапила по овој случај откако претхдно до неа е доставена Пријава од Друштвото ИЗГРАДБА ИНЖЕНЕРИНГ ДАН-МАК и лицата Е.Н. и Д.Н.. Во Пријавата е изнесено сомнение за сторени кривични дела со лажно прикажување факти, против Л.С. на која и уплатиле вкупно 16.095.600 денари. Притоа е склучен и нотарски заверен Договор за уредување меѓусебни обврски меѓу Л.С. и пријавителите, за изготвување Проект за интернационална асоцијација за заштита на човекови права со цел обезбедување средства и со ветување дека за проектот на правното лице ИЗГРАДБА ИНЖЕНЕРИНГ ДАН-МАК ДООЕЛ Скопје, Л.С. наводно ќе му обезбеди донации од 3.580.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.