Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), повторно ја осудува непримерната јавна комуникација на Агенцијата за филм на Република С. Македонија која на сличен начин како и минатиот пат, преку непотпишано соопштение објавено на 27 јули 2020 година, јавно се пресметува со онајлн медиумите sdk.mk, mkd.mk и radiomof.mk.

Лошата пракса која ја има Агенцијата за филм во начинот на комуникација со новинарите нема да се подобри ако јавно им се закануваат со кривични тужби за нивни претходни објави. Доколку одговорните лица од Агенцијата сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела или да побараат исправка и демнат.

Јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата.

Потсетуваме дека менаџери на институции кои се финансирани од граѓаните како и на лица кои се именувани од страна на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија. Исто така, ги потсетуваме нашите колеги дека ако им е потребна бесплатна правна помош со цел штитење на нивните права во вршење на професионално новинарство дека ЗНМ стои на располагање, велат од таму.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.