Утре, петок, (18 октомври) во Музеј на македонската борба, 20 часот, во рамките на фестивалот „Златна лира“, рецитал ќе одржи Даница Стојанова – пијано.

На концертот се дела за пијано од македонските автори Ристо Аврамовски, Јана Андреевска, Томислав Зографски и Гоце Коларовски, како и дела од Фредерик Шопен.
Даница Стојанова е родена во Струмица каде го завршува основното музичко образование во класта на Софија Вета. Посетува средно музичко училиште во ДМБУЦ во Скопје кај проф. С. Пановска, а паралелно соработува со професорите Д. Трбојевиќ и Арбо Валдма на Музичката Академија во Белград, Србија. Студиите по пијано ги завршува во класата на проф. Јокут Михајловиќ во Белград, а потоа магистрира на ФМУ во Скопје.

Активно учествува на Интернационалните музички академии по пијано во Белгија, Русија, Бугарија, Мароко, Германија, Холандија каде рабои со светски познати педагози како Жени Захариева, Акил Дел Вињ, Жак Рувие, Људмила Рошчина, Хериберт Кох, како и на мастер класите по камерна музика во Суздаљ Русија каде работи со Гајдамович, Сашико Кодама од Јапонија и др.

Таа денес е еден од најреномираните професори по пијано и камерна музика во средното училиште ДМБУЦ И.Н. – Луј каде редовно постигнува високи резултати со своите ученици на државната и меѓународната сцена. Член е на жири комисии на престижните натпревари по пијано и камерна музика во регионов ( Македонија, Србија, Бугарија, Косово). Држи мастер класи за пијано во Македонија, Малезија, Косово, како и стручни предавања на Меѓународните Фестивали ( Шопен Фестивал во Белград, ЕПТА во Скопје, Шопен Фестивал во Куала Лумпур). Има настапувано како солист со Македонска филхармонија и Видинска филхармонија (Бугарија). Како уметнички соработник соработувала со уметниците Благоја Ангеловски, Анастазија Низамова, Ана Дурловски, Олег Контраденко, Роберт Цеков. Како солист настапува со полурецитали и целовечерни концерти во Македонија, Бугарија, Украина, Турција, Малезија, Германија, Холандија, Франција, Италија, Косово, Србија, Италија, САД. Членка е на Меѓународната асоцијацја на пијано дуо во Токио, Јапонија.

Стојанова е добитничла на наградите „Најдобар уметнички пијано соработник“ на 22–от меѓународен натпревар „Музиката и луѓето“ (2004) во Софија, награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија доделена од страна на Музичките и балетски педагози на Македонија (2007), награда за одлични педагошки достигнувања (2009) во Бугарија, награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија (2011) во Македонија, награда за едногодишна успешна работа од областа на уметноста „Св. петнаесет Тивериополски маченици“ на Општина Струмица (2016).

Стојанова е членка е на СМУМ. Од 2016 година таа е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски‘‘. Во 2019 година по повод 85 години од раѓањето на композиторот професор Томислав Зографски доби специјално признание од Фондацијата „Томислав Зографски“, за посветеноста на музиката и уметноста и бројните концерти ширум светот, за промоција на творештвото на Зографски и македонското музичко творештво кои се дел од македонското културно наследство. Даница Стојанова е авторка на книгата „Фредерик Шопен – поет на пијаното“.

Влезот на концертот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.