Со премиерата на филмот „Хомо” на Игор Иванов Изи, под отворено небо на кровот на ГТЦ и концертот на Здружението на џез музичари и гудачкиот оркестар во паркот на МКЦ, беше затворен 19-от Меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“.

Затворивме успешен фестивал, за кој што твитерџиите напишаа, Синедејс – згази. И многу ни е мило за таквиот впечаток, бидејќи со многу ентузијазам и силен мотив, навистина се потрудивме. Годинава направивме огромна промена, решивме наместо да се туфкаме и зборуваме колку е тешко да се работи во овие услови, да бидеме проактивни и да реализираме фестивал во физички услови, а не онлајн. Скопје го претворивме во кино под отворено небо, и успеавме да стигнеме во многу маала, да ги ревитализираме за време на фестивалот некогашните кино простори и да му дадеме друг пулс на градот, вели Маргарита Арсова, координаторка на Синедејс.

Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири комисијата во состав, Лабина Митевска – актерка и продуцентка, Благој Веселинов – актер и Кнут Елстерман – режисер, која ги додели следниве награди: Во официјална селекција, награда „Златна ѕвезда” за најдобар филм ја доби „Гагарин” во режија на Фани Лијатар и Жереми Трули.

Во образложение за филмот, жири комисијата вели:

Жирито за многу кусо време се согласи дека ова беше најдобриот филм. Нѐ восхити неговата визуелна убавина и хуманост. Инспирирани од вистинит настан – рушењето на огромен станбен комплекс, режисерите создале модерна бајка за тоа што значи домот денес, што прави да го чувствуваме како дом – луѓе од најразлични културни потекла се обединуваат како во село, соединети во болката од загубата на овој дом. Со извонредни, автентични млади актери, совршен во третманот со бои и текстури, оригинален и стручен во играта со мотиви, овој филм е како поетска утопија, ремек-дело што ни изнуди насмевки и солзи и нѐ направи многу среќни”.

Во „SEE програмата” награда „Златно сонце” за најдобар филм доби филмот „ Оаза” во режија на Иван Икиќ. Специјално признание за филмот „Матер” во режија на Јуре Павловиќ од „SEE програмата” .

Овогодинешниот 19-ти Меѓународен фестивал за европски филм – Синедејс кој што се случуваше во поместен термин, го следеа повеќе од 5.000 луѓе, кои уживаа во проекциите под ведрото небо. Под слоганот „Филм на секое платно” успеа во својата мисија со програмски репертоар од 40 филмски проекции, на девет локации низ Скопје и три концерти со фокус на домашната филмска продукција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.