„Џокер“ на американскиот режисер Тод Филипс освои „Златен лав“ на 76. Венециски филмски фестивал. Гранпри на жирито на чело на аргентинската режисерка Лукреција Мартел доби филмот „Обвинувам“ на Роман Полански, а наградата ја прими неговата сопруга Емануел Сење.

„Џокер“, каде главната улога ја има Хоаким Феникс, и „Обвинувам“ важеа за фаворити на фестивалот, и добиваа одлични рецензии од критичарите.

„Сребрен лав“ за најдобар режисер доби шведскиот автор Рој Андерсон за „За бесконечното“.

Лука Маринели е прогласен за најдобар актер за улогата во „Мартин Идн“ на Пјетро Маричели. Тој ја посвети наградата на сите морнари кои спасуваат животи на бегалците.

Најдобра актерка е Аријан Аскарид за „Глорија мунди“ на Робер Гедигијан. Таа ја посвети наградата на сите души на удавените бегалци кои останаа на дното на Медитеранот, и кажа дека и самата е дете на бегалци кои се доселиле во Франција. Специјална награда на жирито доби „Мафијата веќе не е тоа што беше“ на Франко Мареско.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.