Во рамки на хуманитарната акција „Твоето малку е некому многу“, Женскиот младински хор при МКЦ – Скопје под раководство на Сашо Татарчевски одржа концерт насловен “JazzToVoice“. На програмата беа џез аранжмани за женски хор а капела и женски хор придружуван од пијано. Како гостин на концертот учествуваше битолчанецот Иван Трајковски на пијано.

Според маестро Татарчевски, аранжманите за познатите џез стандарди кои беа изведени се направени од најдобрите светски аранжери за овој тип на музика. На програмата беа следните наслови “The nearness of you”, “Isn`t it romantic”, “Charade”, “Skylark”, “Stormy weather”, “As time goes by”, “Mona Lisa”, “Love is here to stay”, “Autumn leaves”, “All the things you are” и “Bim-bom” од композиторски имиња како Џорџ Гершвин, Џероум Керн, Ричард Роџерс, Хенри Мансини, Џеј Ливингстон и др.

Женскиот младински хор при МКЦ е нашиот нај наградуван хорски ансамбл и е гордост на Младинскиот културен центар од Скопје веќе четириесет и шест години. Само во последните три години хорот се закити со високи награди на интернационални хорски натпревари во Романија, Полска и Словачка, освојувајќи 5 први места, шест специјални награди и една GRAND PRIX титула.

Сашо Татарчевски е моментално најактивниот диригент во Македонија, професор на факултетот за музичка уметност и раководител на симфонискиот оркестар и хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ како и професионалниот хор „Про Арс“ и Женскиот младински хор при МКЦ. Освен тоа, настапува и со Македонската филхармонија, МОБ и други ансамбли во Македонија и странство, а редовен член е и на неколку жири комисии на меѓународни натпревари и раководител на мастеркласи за диригирање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.