Во понеделник, 10 февруари со почеток во 19 часот, во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје ќе бидат прикажани филмови на култниот режисер Желимир Жилник.

Се работи за проекции на краткиот „Мали пионери“ и долгометражниот филм „Убави жени одат по градот“, а по проекцијата е закажан и разговор со режисерот, кој публиката ќе може и одблизу да го запознае.

Тематската рамка за изборот на овие два филма наречена ‘Од маргини до дистопија’ ја потврдува уште еднаш релевантноста на делата на Жилник за денешницата во која сведочиме глобален раст на нееднаквоста и која отфрла се поголем број луѓе на маргините од општеството, а истовремено и приближување кон реализацијата на дистописките сценарија за човештвото поради еколошката и политичка деградација, кои раѓаат носталгија по добрите минати изгубени времиња, стои во најавата за настанот во МСУ.

Изборот на филмови и концептуалната организација на настанот е на Артан Садику, кој и ќе го води и разговорот со Жилник.

Филмот „Мали пионери“ раскажува приказна за социјално запоставени деца кои сами се грижат за себе, одлучуваат да крадат и да го прекршат законот.

„Убави жени одан по градот“, пак, е приказна за Белград во 2041 година, кога е напуштен и руиниран град покриен во ѓубре. Неколку стари луѓе живеат таму: поранешен новинар со неговата ќерка, поранешен политичар со неговата жена и поранешен полицаец, кој работи како чувар на конвикт во кој живеат осум девојки.

Инаку, Желимир Жилник е еден од најпродуктивните и најнаградувани режисери од просториите на Југославија. Неговите играни и документарни филмови од самиот почеток се фокусираат на современи тематики, вклучувајќи социјално и економско преиспитување на секојдневниот живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.