Со фестивалската химна и огномет и со претставата „На отворено море“ на Југословенско драмско позориште (ЈДП) од Белград, вчеравечер на Античкиот театар во Охрид беше затворен 61-виот фестивал „Охридско лето“.

Актерската екипа на ЈДП  ја изведе семејната драма со политички конотации од српскиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин. Текстот е напишан одамна, но приказната зборува и за денешново време  – за корупцијата, распродажбата на сѐ и сешто, па дури и на љубовта и семејниот мир заради упехот и богатството.

Според режисерот Савин, тоа е  општествена комедија со трагични елементи.

– Нушиќ е најгенијалниот српски драмски писател, и тоа не само како комедиограф. Јас го имав задоволството да ја работам неговата драма „Така мораше да биде“, со голем успех. Ја работев и социјалната драма „Зад Божјиот грб“, и оваа е трета негова драма. „На отворено море“ е една од најзначајните во драмскиот опус на Нушиќ, рече Савин, според кого „Охридско лето“ и „Дубровничките летни игри“ се последниот бедем на големите сериозни летни фестивали кои ја слават уметноста.

Директорката на националната установа „Охридско лето“ Наташа Поповиќ им се заблагодари  на сите што годинава се вклучија во организирањето на фестивалот. Таа истакна дека годинава е испишана уште една успешна приказна во историјата на фестивалот кој успеа да ја прослави уметноста и во време кога се соочуваме со КОВИД-19.

Понудивме богати и квалитетни уметнички вечери со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста имаа можност да уживаат на фестивалската сцена, од каде по 61-ви пат се славеше врвната уметност, рече Поповиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.