Со големата поетска манифестација „Мостови”, вчеравечер на Мостот на поезијата, на истекот на Црн Дрим од Охридско Езеро, заврши 58-то издание на „Струшки вечери на поезијата” (СВП), една од најголемите културни манифестации во земјава и најстариот поетски фестивал во светот што се одржува во континуитет.

На „Мостови“ беа доделени традиционалните награди што ги доделува СВП, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.

Претседателот на Управниот одбор на СВП, Елизабета Шелева ја додели главната фестивалска награда, „Златен венец” на годинашниот лауреат, романската поетеса Ана Бландијана.

Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга издадена меѓу две изданија на фестивалот е Јовица Ивановски за неговата книга „Човек”. Нему наградата му ја врачи Милован Стефановски, претседател на комисијата која ја додели наградата, додека наградата „Мостови на Струга” за најдобра дебитантска книга, која СВП ја доделува под покровителство на УНЕСКО ја доби младата хрватска поетеса Моника Херцег за нејзината збирка „Почетни координати”. На младата поетеса наградата и ја врачи директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски.

 

По доделувањето на наградите, 19 поети од земјава и од странство, меѓу кои и тројцата наградени, повторно читаа свои творби. Традиционално, со манифестацијата „Мостови” фестивалот се простува од градот-домаќин.

Денеска поетскиот карван ќе посети неколку други градови освен Охрид, каде вчера се одржаа некои од клучните настани на фестивалот, а завршниот настан вечерва е во Музејот на современа уметност во Скопје.

Завчера во Охрид, во црквата Света Софија се одржаа две претставувања на поети. Прв беше презентиран поетскиот портрет на починатиот поет, академик Матеја Матевски, добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 2011 година. За поетското дело на Матевски говореше академик Георги Старделов, а Поетскиот портрет на годинашната лауреатка, Ана Бландијана, го претстави проф.д-р Елизабета Шелева. Во рамките на поетските портрети беа прочитани дваесетина песни од двајцата автори во оригинал и во превод на неколку јазици.

Славењето на поезијата потоа беше заокружено со мини-концерт во Света Софија, при што Дино Имери на клавир исполни две дела од Рахмањинов, потоа негова обработка на народната песна „Јас те пратив на вода, Калино”, а во завршницата, во чест на лауреатката, Романски народен танц бр.3 од Бела Барток.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.