Во периодот од јуни до август,  годинава започна со реализација проектот „ЕКСПЛО”/ “EXPLO” (Exploring the dynamics and causes of prehistoric land use change in the cradle of European farming) во партнерство меѓу Универзитетот во Берн, Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот во Солун, а во коj учествуваат Музејот на Македонија, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Центарот за истражување на предисторијата.

Меѓу останатите активности, проектот има цел да го имплементира методот на дендрохронологијата, односно дендрохронолошката анализа во Република Северна Македонија. Истражувањето се концентрира на примена и промовирање нови методи за проучување, датирање и заштита на македонското културно наследство, и тоа особено преку дендрохронологијата како научна алатка при датирањето на предметите и објектите изработени од дрво.
Со овој метод во иднина ќе се овозможи мошне прецизно датирање на музејските предмети изработени од дрво како што се иконите, алатките, садовите, мебелот, инструментите и сочуваните дрвени градежни елементи во праисториските, античките и средновековните објекти.
Во тековните фази на проектот беше истражувана праисториската наколна населба во Заливот на коските на Охридското езеро, при што се добија првични сознанија за распоредот на колците, покуќнината и вегетацијата во и околу локалитетот, што во натамошните фази на лабораториските истражувања можат да дадат податоци за точното време на настанување и функционирање на локалитетот, како и за исхраната и секојдневниот живот на луѓето што живееле во неа.
Имајќи го предвид големиот број дрвени предмети во своите збирки, Музејот на Р. С. Македонија и останатите музеи во земјата со своето учество во овој проект ќе придонесат во прецизното датирање на културното наследство во Македонија.
Проектот, исто така, вклучува и обука на македонски дендрохронолог кој во иднина ќе реализира континуирано и сеопфатно датирање на културното наследство изработено од дрво, велат од Музеј на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.