Првото издание на филмската ревија посветена на македонскиот филм „Златна рамка” започна со Собрание на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) кое донесе одлука да ги награди професионалците Жаклина Крстевска за најдобар филмски автор, Петар Мирчевски за најдобар филмски актер, Петар Богоевски за најдобар филмски работник, а постхумна почесна Златна рамка доби Томе Молдовски – Мољац.

Овие награди секоја година ќе се доделуваат за да се одаде почит на филмските професионалци кои имаат многу значајни и многи вредни остварувања зад себе.

Она за што сум се борел и ќе се борам е филмот да остане надвор од политиката. Во ДФРМ гледаме партнер со кој заедно ќе создаваме критериуми за филмот да оди напред. Ќе работиме на квалитет а не на квантитет. Оваа ревија е начин да се направи отчет на сработеното, да не ни се случи како во минатото да се даваат средства за филмови кој никој никогаш не ги видел. И натаму се бориме да ги вратиме накалемените долгови, а во моментов наследивме 90 незавршени филмови. Сепак, во сите овие проблеми во кој била втурната Агенцијата за филм, успеваме да создаваме силни критериуми за македонскиот филм да добие видливост и успех во светски рамки како што тоа ни се случи во изминативе месеци рече Горјан Тозија, директор на Агенција за филм на Македонија во своето обраќање на Свеченото Собрание на ДФРМ.

Игор Иванов, претседател на ДФРМ кој го водеше Собранието го соопшти и предлогот за прием на почесен член во ова друштво, Благоја Куновски Доре кој е неуморен многугодишен поддржувач на македонскиот филм. Куновски беше едногласно избран од членовите на ДФРМ.

Работниот дел на Собранието продолжува зад затворени врати со претходно утврдена агенда.
Трите филмски денови на ревијата, почнувајќи од денес се поделени во три дела: документарна програма од 17:00 часот, краткометражни филмови кои започнуваат во 19:00, додека пак долгометражните во 21:00 часот. Сите проекции се во кино “Фросина” и се бесплатни.

Во делот на работната програма на „Златна рамка“ во сабота со почеток во 11:30 е предвидено да се одржи презентација на МЕДИА деск Македонија со цел да можат филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, а во недела исто со почеток во 11:30, тркалезна маса на тема: „Нема кинематографија без филмска критика” предводена од страна на уметничкиот координатор на „Златна рамка“, новинар и истражувач на македонскиот филм – Ана Василевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.