Вашите успеси се успеси и на нашата држава. Ќе го поддржиме финансиски филмот и ќе го зголемиме растечкиот светски интерес, им порача премиерот Зоран Заев на претставниците на три филма кои бележат меѓународни успеси: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев на денешната средба со нив најави зголемување на буџетските средства за филмот, што е поздравено од филмските работници.

Успесите на државата, со влезот на Република Македонија во НАТО и очекуваното отворање на преговорите со ЕУ, отвора можности за развој на земјава, повеќе инвестиции, повеќе пари, достапност до фондови, но и до нови пазари и полиња. Очекувам дека и вашите успеси само ќе растат, ја имате поддршката од Владата, рече премиерот Заев.

На средбата, како што информира прес-службата на Владата, филмските работници ги споделија позитивните искуства во светот, согласувајќи се дека успехот е на целата држава, и ја поздравија определбата на Владата да го поддржи и помага развојот на филмската индустрија.

Во кинематографијата на нашата држава, како што беше речено, се препознаваат таленти кои зборуваат на филмски јазик што го привлекува вниманието на светската филмска јавност. Исто така, како што е заеднички констатирано, филмската уметност, како и целата култура, со негувањето на критичкиот пристап, актуелизира важни теми од реалноста, важни за граѓаните, а тоа води и кон поефикасни решенија во општествена смисла. Во таа насока се разговараше за значењето на поддршката од државата, во финансиска и квалитативна смисла, за да може филмот од Република Македонија да го задржи растечкиот тренд на интересот на светската филмска јавност, пишува во соопштението.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на 10 февруари имаше светска премиера во официјална конкуренција на престижниот Берлински филмски фестивал и е во трка за „Златна мечка“. „Медена земја“ премиерно беше на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс“ каде што доби три награди, а филмот „Исцелител“ од 2017 година досега е прикажан на 53 меѓународни и на осум домашни фестивали и освои 15 меѓународни и четири домашни награди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.