Божидар Божиновски – Моџо, пејачот Виктор Апостоловски, групата „Паркети“ и уште многу други на Широк сокак ќе седат и ќе раскажуваат филм, слично на раскажувањето кое во минатото го правеле старите битолчани, за време на одржување на годишнатото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ кој годинава ќе се одржи од 16 до 21 септември во Битола.

Мотото годинава е „И покрај сѐ“, а отворањето на Фестивалот е со „Сестри“ (21 часот),  дебитантскиот филм на режисерката Дина Дума, кој ја доби Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, на Филмскиот фестивал во Карлови Вари (Чешка).

Битола се подготвува за фестивалот „Браќа Манаки“. Годинава Битола ќе живее за филмот, ќе раскажува за филмот, ќе пее за филмот.

Се радуваме дека оваа година ќе имаме фестивал. Се прилагодивме на околностите, и фестивал ќе има благодарение на три сона. Првиот е благодарение на Друштвото на филмските работници на Македонија, кое како основоположник на фестивалот одлучи дека мора да има фестивал. Тоа е нашиот прв сон. Вториот сон е дека фестивалот мора да ѝ се врати на Битола, да се врати како добар домаќин на прослави, веселби, како што знае да биде, и тоа ќе се случи. Годинава имаме ОФФ-фест програма, а благодарение на Слаѓан Пенев имаме филмови кои се кремот од кремот на годинашната програма и третиот сон е што се организираше една група луѓе која сакаше сето ова да го реализира. Нашата цел е Битола да ја направиме позната во светот преку овој фестивал, имаме извонредно жири, одлични филмови, рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски на прес конференцијата која денеска се одржа во Битола.

Селекторот на официјалната програма Слаѓан Пенев ја презентираше филмската програма која претставува врв на сè она што е актуелно во филмската уметност во моментов.

Тоше Ивановски е координатор на ОФФ-програмата и истакна дека Битола како рамноправен партнер на фестивалот треба да преземе што повеќе предизвици и што повеќе битолчани треба да бидат вклучени.

Од Мони Дамевски и од овој тим нѝ се даде таква можност и ќе ја оправдаме, вели тој.

Два пункта на Широк сокак ќе бидат промотивни точки каде сите минувачи ќе го почуствуваат градот жив и разигран. Моџо, Паркети, Виктор Апосоловски и уште многу други битолчани одбраа по една филмска тема и на промотивниот пулт ќе седат и ќе раскажуваат филм, слично на раскажувањето кое во минатото го правеле старите битолчани. Во анимација ќе учестуваат и музичари, фото клубот од Битола со изложба, пантомима, ќе има сегмент „Живи слики“, филмска музика ќе се изведува на Широк сокак, промоција на дела од Ана Јовковска. Овде ќе ја истакнам и фонотеката на Сашо Ставрев и неговиот татко кои ќе ја споделат со битолчани и со гостите и посетителите на фестивалот својата богата фонотека создавана низ годините, истакна Ивановски.

Австрискиот кинематографер Кристијан Бергер и рускиот режисер Андреј Кончаловски се годинашни лауреати на „Браќа Манаки“.

Бергер, кинематограферот на Михаел Ханеке, еден од најголемите австриски и светски режисери, ќе ја добие Златната камера за животно дело и ќе дојде во Битола, додека Кончаловски, еден од најголемите руски режисери, поради возраста одлучил да не патува во овие услови.

Актерот Бајрам Северџан, најпознат по филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Куструрица, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов, е добитник на Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која ја доделува Друштвото на филмски професионалци (ДФРМ).

Годинава во селекцијата на главната награда „Камера 300“, се вклучени десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и во Карлови Вари. За нив ќе одлучува жирито во состав: Филип Бергсон, Вим Ванакер, Суки Меденчевич, Соња Просенц и Димо Попов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.