Најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности Les Lettres Europeénnes излезе од печат во Париз. Автори се четворица универзитетски професори: Аник Беноа-Дисосо, Ги Фонтен, Јан Једрзејевски и Тимур Мухидин, а тие соработуваа заедно со двесте книжевници од Европа. Предговорот на ова издание е на нобеловката Олга Токарчук.

Во ова капитално дело од речиси 1200 страници, во 16 поглавија, најнапред се толкува и аргументира концептот на европската литература, а потоа се анализираат авторите, книгите и поетиките од Средниот век до денес.

Меѓу значајните имиња на современата европска литература, во ова издание, во неговото последно поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“, се анализира и прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев. Тој е застапен помеѓу авторите: Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович, Људмила Улицкаја.

По кусата биографија, следи анализа на неговата поетика во „Човечулецот“ и „Ѕиркачот“, со цитирани мислења за неговата раскажувачка постапка од Владислав Бајац и Георги Господинов. Поетиката на Прокопиев се сместува во таа на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино. „… тој ужива во подметнувањето на сентименталните парчиња од бајките, задржувајќи бројни елементи на фантастичните или магичните повести. Прокопиев ја втелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека самиот живот се темели на збрка“, се заклучува во освртот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.