Во родната куќа на великанот Блаже Конески во Небрегово, Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ денеска го промовираше зборникот песни насловен „Поетски пораки за Конески“.

Во зборникот се 174 првпат објавени песни на ученици од основните, од средните училишта во земјава, од студенти и од професори. Конкурсот беше отворен лани по повод 100-годишнината од раѓањето на таткото на современиот македонски јазик, поетот, научникот, писателот, професорот Блаже Конески.

Фондацијата на 20 ученици чии песни се во Зборникот им додели награди со што ја промовираше и нововостановената награда која ќе стане традиционална. Наградени се: Благојче Ристески и Марија Сервини од Битола, Христијан Арсов, Елена Кузмановска и Матеја Николова од Велес, Елена Јандреоска и Ивана Богеска од Прилеп, Валерија Андоноска од Ропотово, Билјана Митреска, Ива Каимовска, Ведрана Петрова, Ана Петаноска и Анастасија Златковска од Скопје, Немања Јорданов од Стајковци, Рахмина Куртовска од Скудриње, Трајче Баисколиев од Колешино, Александра Манушева од Муртино, Исмаил Шасивари од Тетово и Ана Витанова Рингачева од Штип.

Секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, професорот Атанас Конески,  во своето обраќање нагласи дека со младите поети се создава соѕвездие кое ѝ е потребно на големата ѕвезда на Конески.

-Колку повеќе се оддалечува со своето физичко присуство, толку повеќе Блаже Конески  ни се приближува со својата духовна големина, како „златоврв“ над Небрегово со своето епохално дело. Ова е потврда дека Конески е ѕвезда што не згаснува, но нему му треба соѕвездие. Дел од ѕвездите на тоа соѕвездие се наградените ученици, нагласи Атанас Конески.

Рецензенти на зборникот се писателката Јагода Михајловска-Ѓеорѓиевска и публицистот Мишо Китаноски.

На свечената промоција на зборникот „Поетски пораки за Конески“ присуствуваа членовите на управниот одбор на Фондацијата, од Прилепскиот завод и музеј, наградените ученици и нивните ментори.

Конкурсот за најдобри творби за Конески станува традиционален и ќе се промовира, а наградите ќе се доделуваат на 7 септември, во пресрет на Денот на независноста. Веќе од утре, 8 септември, па до 19 декември годинава ќе трае новиот конкурс за поетски творби под наслов „Зборот на Конески“. ќе се промовираат догодина на 7 септември во родната куќа на великанот Блаже Конески во Небрегово.

Творбите може да се испраќаат на електронската адреса: zborotnakoneski@gmail.com



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.