Владимир Ангелов по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1992 година,  работел кратко време како продуцент во Вардар филм, а од 1995 година до денес работи во Кинотеката на РСМ. Во 2018 година е назначен за директор на Кинотеката и сѐ уште е на таа позиција.

Континуирано работи на презентацијата и афирмација на македонската филмска продукција во земјата и странство. Преку различни селекции и на различни нивоа, соработува со меѓународните Фестивал за кинематографери „Браќа Манаки“ (како селектор) и Скопскиот филмски фестивал. Во 2016 година е дел од жирито на фестивалот за краток филм Watch Out во Тетово. Во 2019 година е член на жирито на меѓународниот фестивал CINEDAYS, а како претставник на ГЕТЕ ИНСТИТУТОТ, тој е дел од предизборната комисија на проект FIRST FILMS FIRST – проект за поддршка на филмови од млади автори. Од 1997 година објавува статии во списанието КИНОПИС.

Со Ангелов разговаравме за состојбите во Кинотеката, проектите, работата во услови на пандемија…

Кинотеката активно работи изминативе две години додека светот е зафатен со пандемија од Ковид-19 и беше отежнато функционирањето буквално на секој сегмент. Како ја оценувате работата во изминатиов период?

Едно време работата беше спречена, не само отежната. Имавме клуч на врата. Јас имав извадено дозвола за движење и доаѓав во Кинотеката да отворам, да проветрам и да проверам. Тоа беше страшно. Работите уште не се нормализирани. Луѓето се плашат од подолго присуство во затворени простории, има се помалку интерес за одење во кино и генерално за социјален живот. И се навикнавме на новото нормално.

Кои настани во Кинотеката би ги издвоиле како највпечатливи? Според Вас, што остави особен белег?

Изминативе години (да се задржиме на последниве две-три) направивме убави ретроспективи и претставувања на различни кинематографии. Би ги издвоил ретроспективите на Чарли Чаплин, прикажувањето на ДЕКАЛОГ на Кешловски со Полска амбасада, неколку фантастични циклуси со италијански филмови во соработка со кинотеката од Рим и Италијанската амбасада од кои би ги издвоил проекциите на КАБИРИЈА и ПЕКОЛОТ со музичка придружба на Марио Маријани, неделата на албански филм, повеќе презентации на шпанската кинематографија, изработка на три мурали на западниот ѕид на зградата, одбележувањето на 30-годишнината од ПРЕД ДОЖДОТ, циклусите ДОВЖЕНКО и СЛОВЕНЕЧКА РОК ТРИЛОГИЈА, француските филмови си се стандардни на програмата, а почнавме и со германски современи филмови, презентациите на дигиталните реставрации на МИРНО ЛЕТО и ФРОСИНА во рамки на европскиот проект Сезона на европски филмови, ги одбележавме годишнините на Славко Јаневски и Блаже Коневски… и уште милион други премиери, презентации, изложби, проекции, промоции на книги (на Тихомир Јанчовски на пр.), добра атмосфера, дружење, задолжителна дистанца, маски, добри соработници…

За мене секој следен проект е највпечатлив.  Веќе е во тек извонредна презентација на современи полски филмови. Чекаме, од Австрија, да пристигне комплетниот тираж на првото блуреј издание на македонски филм, се работи за МИРНО ЛЕТО на Димитрие Османли. Во меѓувреме ни пристигна скенер за филмови – што не е настан, но го очекувавме одамна и ред е да го спомнам…

 

Љубителите на филмската уметност и кај нас, налик на Кинотеката во Германија, можеа да погледнат филмски хитови кои истовремено се прикажуваа во кино-салите. Дали ќе продолжите со ваквата практика?

Секако. Правиме обиди да ги претставиме современите филмови кои ги има многу и има многу добри. Ќе продолжиме да прикажуваме „шарена“ програма. Микс помеѓу комерцијално и некомерцијално, старо и ново и слично. Тие категоризации, комерцијално и некомерцијално, се губат со времето. За арт-кината Тарковски или Бергман се најкомерцијалните автори. Секој раководител на арт-кино знае дека ќе има 80 % од салонот ако прикаже филм на некој од овие автори. А пак ако го пушти АМЕРИКАНСКА ПИТА, кој пред 20-тина години бил блокбастер, ќе добие нула. Во светот се снима огромен број нови филмови, но пристапот до нив за киноприкажувачите е сè потежок. Тоа е чуден парадокс.

Институцијата има богата архива. Што содржи депото на Кинотеката, а што е сместено во други депоа? Дали се обезбедени целосно потребните услови за чување?

Кинотеката нема богата архива. Во споредба со други архиви, но и генерално. Имаме мала архива. Мал број на филмови и филмски копии и таа фама дека имаме богата архива треба да се разбие, да се демистифицира. Ако имавме богата архива тоа ќе се гледаше во програмата т.е. на филмското платно. Ние немаме филм на Џон Форд. Имаме и само една 16-милиметарска лента (тоа е полупрофесионален формат) од Хичкок. Еднаш (пред десетина години) се обидовме да го пуштиме ГРАЃАНИНОТ КЕЈН (како и филмот на Хичкок и КЕЈН е подарок од Унгарската кинотека од пред 15 години) на 16-мм лента и тоа беше комлетна катастрофа. Кинотеката нема функционален 16-мм филмски проектор. Такви машини веќе и не се произведуваат и тешко е да се набават. А треба да имаме. Немаме филмови од Џармуш, од источните режисери како Сатјаџит Реј или Куросава. Немаме филмови од југословенскиот период. Порано во Кинотеката филмското богатство се мереше со километри должни филмска лента (и потоа се множеше со една германска марка за да се добие егзактна сума), јас и светот филмското богатство го мериме поинаку – преку значајни филмски автори и значајни филмови што ги поседуваме, преку колекци и врз факти колку запаливи филмови една кинотека поседува. И ако мериме така, ние сме мала Кинотека. Кинотеката презема големи напори да прибере филмови. Сега сме концентрирани на филмови значајни за Македонија и моментално ги прибираме прилозите објавувани во журналот Филмски новости. Ќе продолжиме и со други журнали и други снимки, па дури и од немиот период. Инаку имаме одлични услови за чување на македонската продукција што не е случај и со странската која се чува во депоата во с. Бардовци каде што има само елементарни услови за чување – стари ѕидови, полици и стар кров.

Колкав е бројот на на музејските експонати? Дали се зголемува? Дали сè уште ги откупувате? Има ли интерес за донации?

Во однос на музејските експонати имаме околу 420 експонати од различни периоди. Додека сум јас директор не се сеќавам дека сме откупиле иако тоа беше случај порано. Сепак, често добиваме донации или може да се каже дека луѓе доаѓаат и ги депонираат своите предмети кај нас. Во денешно време е многу чиста работата со утврдување на вредноста на предметите затоа што постои страницата Ибеј. Може лесно да се утврди колку предметот чини. Постојано добиваме разни кинематографски материјали. Еден наш постар посетител, Петар Христовски постојано ни носи стари списанија за филм објавувани во СФРЈ. Па дури и негови лични записи за филмови што ги гледал. Коле Манев, ни подари неколку значајни предмети за македонската кинематографија. Неговата филмска камера со која е сниман филмот ТУЛГЕШ и неколку македонски анимирани филмови. Семејството Рубен ни подарија прекрасна колекција „беби пате“ филмски апарати. Еднаш, пред 10-тина години, едно момче дојде и ми рече: „Мислам дека ова припаѓа кај вас“ и ми подаде 35-мм филмска лента од стар документарец. Го купил на Црвче пазар за 100 денари и го донел кај нас. Се викаше Бојан. Јавно му се заблагодарувам и нему и на сите други што не ги спомнав тука.

Дигитализацијата на филмовите е значаен сегмент од активностите на Кинотеката. Планирате ли нови проекти во оваа област?

Како што реков претходно, или како што се пофалив, набавивме скенер за филмови. Скенерот уште не е коплетиран, недостигаат некои елементи кои се неопходни, но се надевам дека уште во мај следната година ќе дигитализираме „индор“ или вкуќи по нашки. Ќе можеме да дигитализираме 35-мм и 16-мм филмска лента – слика и звук – додека 8-мм лента т.е. аматерскиот формат веќе го дигитализираме. За покомплицирани зафати ќе соработуваме со надворешни соработници, но главно е дека филмовите ќе ги скенираме тука. Тоа е уште една дополнителна заштита на филмовите што ги чуваме.

Кои истражувачки проекти би ги издвоиле како интересни за пошироката јавност?

Од истражувачките проекти што би ги издвоил е проектот МАКЕДНСКИ АНИМИРАН ФИЛМ 1971 – 1991 што се реализираше годинава. Автор на проектот е наш надворешен соработник Иван Ивановски и проектот е реализиран заедно со Друштвото на филмски професионалци, Агенцијата за филм, Вардар филм и Младинскиот културен центар. Исто така значаен е проектот Тајните архиви на Скопје на Катерина Габунија кој вклучува прибирање и дигитализација на 8-мм аматерски филмови т.е. домашни филмски снимки. На овој начин создаваме архива од домашни снимки кои имаат исклучителна социолошка и историска важност.

Колку сте задоволни од екипираноста на институцијата и ангажманот на вработените? Има ли институцијата потреба од нови кадри?

Никогаш не  можам да бидам задоволен од овие две работи. Исто како што никогаш не сум задоволен од себе. Секогаш може подобро и повеќе. И секогаш има потреба од нови кадри. Луѓе што ќе внесат свежина и нови идеи и погледи, што се во тек со времето и со кои ние „диносаурусите“ од преддигиталното доба ќе можеме да правиме баланс. Затоа, претпоставувам дека треба да се менува моделот т.е. системот кој кај нас (во нашето општество) функционира уште од социјализмот. И тоа треба радикално да се смени. Мислам дека ниедна гарнитура нема интерес за такво нешто, а за такво нешто пак сепак треба и време за да се спроведе безболно.

Колку професијата филмолог е привлечна за младите?

Имаме еден проект филмска училница. Го реализираме со надворешен соработник, секако, со режисерката Марија Џиџева. Мислам дека младите, барем оние што доаѓаа на предавањата знаат многу за филмот. Секако многу повеќе од мене кога сум бил на нивна возраст. Бев стаписан колку знаат. Колку се интересираат. Има љубопитни духови. Интернетот им е голема предност. Значи, имаат извор на информации што ги користат и љубов кон филмот и оваа уметност. Дали ќе се определат да работат во таа област, значи во кинематографијата и филмологијата како дел од кинематографијата, останува на нив. Останува и изборот да бидат љубители и познавачи на филмот.

Што беше пресудно за Вас да се одлучите за професијата филмолог?

Не ја избрав јас, таа ме избра мене и поврза некои работи што секогаш сум ги сакал: филмови и пишување/читање и сестрана љубопитност за уметноста. За жал сè помалку го практикувам тоа. Читам закони, планови и извештаи и пишувам забелешки, претставки и меилови. Се шегувам, не е сè толку црно. Инаку, завршив продукција на ФДУ и еден ден ми се јави мојот професор по Тетарска продукција и ми кажа дека бараат мој профил во Кинотеката. Осум месеци работев по договор на дело и на 2 октомври добив решение за работа. Истиот ден го добив и првиот од двата сина. Следниот ден беше атентатот врз Киро Глигоров. 26 години сум во Кинотека. Мислам дека ја имам пипнато секоја кутија со филм тука.

Во слободно време спортувате, но важите и за голем љубител на музиката. Што ве исполнува повеќе? Каква музика сакаше да слушате? Каква литература преферирате?

Не би рекол дека спортувам. Претпочитам рекреирам. Возам велосипед, шетам и сакам да се качам на Водно кога можам. Имам убава колекција на плочи, денес ги викаат винили или винилки. И тоа – убава – е релативно. Џимрија сум. Плочите и книгите ги бирам внимателно. Слушам и нова музика и доста стара. А преслушувам секаква, од класика и џез до техно и рап и во секој вид наоѓам извонредни изведувачи. Само хеви-метал не можам. Не знам, белки ќе има време и за тоа. Се враќам на некои бендови што во македонскиот ригиден социјализам (една радио станица на која се пуштаа ислкучиво хитчиња со емисии од типот Диско селектор и Три гонга и две продавници за плочи со лиценцни изданија) не можевме да ги чуеме туку само читавме за нив. Сега сум у филм „стари панк бендови“ од оригиналниот панк налет. И ги слушам The Damned, Public Image Ltd. и X Ray Spex. И од новите (од новиот милениум) има добри ствари. Koikoi е српски бенд што свиреше на последното „Здраво млади“ и албумот им е совршен. Нешто нечуено во светски рамки. Peter Doherty и Libertines се фантастични. St. Vincent, Beck, Bill Callahan… Lorde годинава има одлична песна Stoned at the Nail Salon, Goat Girl се одлични. Има некој нов флуид кај женските изведувачи.  Имам некоја теорија ама да не забегувам. Stephen Malkmus уште снима фантастични албуми. Sparks, бенд од седумдесетите, кои се секогаш радикални, имаат нов албум со музика од филмот АНЕТ на Леос Каракс и тоа ме радува. Sparks едно време свиреа со Franz Ferdinand и веројатно тука најдоа нов мотив, и нова помлада публика секако, за сила да продолжат. Се надевам дека ќе го снимат во филм, или дека некој ќе го сними, нивниот проект мјузикл за режисерот Ингмар Бергман. Чекаме нов албум од Стоунси. Од книги ја препорачувам Филмски клуб од Дејвид Гилмор. Може да се купи во ИЛИ-ИЛИ. Лани ја подарив на моите колеги филмолози од Кинотеката. Анте Томиќ неодамна беше во Кинотеката, заедно со Миљенко Јерговиќ на фестивалот Про-за Балкан. Книгите на Анте се одлични, како и сценаријата кои ги пишува. И на Миљенко книгите, секако.

Кинотеката ја интензивира и издавачката дејност. Оваа година во Битола ја промовиравте монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“. Планирате ли подготовка на уште некое монографско издание?

Не планираме монографија. Но, не планираме и да прекинеме со публицистика, напротив. Неодамна ја издадовме книгата ХРОНИКА ЗА ЕДЕН СОН на Стојан Синадинов посветена на творештвото на Антонио Митрикески и некои работи што го допираат творештвото на Тони – семејството, растењето, Прилеп, Скопје… Книгата е одлична, топло ја препорачувам. Во печат е 60. број на списанието КИНОПИС. Имаме прекрасен број (одлични текстови и автори) и затоа што е јубилеен ќе направиме и мала промоција. За да ги потсетиме луѓето дека сè уште го издаваме списанието. За 2022 година планираме најмалку една книга на домашен автор. Се надевам дека ќе објавиме и најмалку една преводна – нешто што би преставувало основа/и во филмологијата. Во секој случај, сакам да го одржиме темпото на најмалку една книга во годината плус списанието КИНОПИС.

Што ќе содржи кинотечната програма во следната година?

Како што рековме. Програмата ќе биде шарена. Планираме претставување на една од најзначајните кинематографии во светот денеска (не кажувам која), конечно да ја реализираме двапати откажуваната ретроспектива на српски филм, планираме да го зајакнеме Фестивалот на нем и класичен филм кој го покренавме годинава. Сакам да има повеќе неми филмови. Филмови од историските читанки. Жалам што филмовите на Довженко ова лето беа слабо посетени. Се работеше за три ремек-дела од советскиот период проследени со автентични толкувања на гостин од Украина. Нејсе, не се обесхрабрувам и ќе продолжиме во таа насока.

Што не научи пандемијата? Какви поуки извлековте Вие како институција? Беше ли тешко да се работи?

Секако почесто миеме раце и повеќе ја почитуваме дистанцата и приватниот простор на другиот. А како институција сфативме дека сме неодминливи и иако филмови во денешно време се гледаат насекаде, сепак најдобро е тоа да се прави во друштво. На тоа ние треба да ги потсетиме сите за да почнат луѓето да се враќаат на настаните во живо. И не, не беше тешко да се работи затоа што имаме цел и мотивација.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.