Во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица вечер премиерно ќе се одигра претставата „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Дејан Ангелов.

Според режисерот, парадоксалното и еретично откритие во оваа пиеса е дека совеста со истата суровост суди и за нестореното, за неслученото, за докрај нереализираната индивидуалност.

Кај Чехов нема примирување пред гаснењето на божествената искра во човекот, туку некакво садистично-манијакално џарење во сопствениот пораз, отстапување- малодушие. Во тој гест на постојано бдеење над сопствената егзистенција е сета драматургија на Чехов, следствено и на нашата претстава. Таа е замислена како призив кон едно поодговорно живеење бидејќи низ призмата на Чехов животот секогаш е дар божји, па колку тоа и да звучи како клише, најверојатно, нема реприза, напиша режисерот Ангелов.

Улогите во претставата ги толкуваат Кољо Черкезов, Васка Ангелова, Анкица Бенинова, Оливера Аризанова-Мансбард, Васил Михаил, Стојкан Велков Трн, Коста Ангов и Тинка Ристеска.

Сценографијата и плакатот се на Никола Пијанманов, музиката на Ставро Ангелаков, а костимите на Ванчо Василев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.