На 10. август (вторник) со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан вториот краток филм за Старо Скопје, „Раѓањето на градот”, чиј автор е Катерина Габунија а носител на проектот НУФЦ Вардар Филм – Скопје. Проектот е поддржан од Град Скопје а реализиран во соработка со Кинотеката на Македонија.

Проектот „Тајните архиви на Скопје -Раѓањето на градот” е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, монтажата и изборот на музика е на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски и дизајнер на звук Сашко Потер Мицевски.

Филмот ќе биде прикажан на Фестивалот на нем и класичен филм кој за прв пат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката на Македонија и здружението Кино Балкан.

„Раѓањето на Скопје” претставува колаж од дигитализирани 8 милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Нивните приказни, креираат емотивна, забавна но и носталгична филмска сторија за Скопје и Скопјани раскажана низ најважните периоди од животот на еден човек. Младоста полна елан и љубов, периодот на созревање и градење дом и семејство и раѓањето на нов живот се клучни елементи на овој видео колаж.

Процесот на реализација на овој проект започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 и супер 8мм ленти. Се продолжи со Дигитализација и дигитална обработка на истите а потоа се премина кон монтажа на слика и звук.

Проектот „Тајните архиви на Скопје” доби поддршка за реализација и на трет дел. За таа цел, се обраќаме до граѓаните на Скопје, кои во своите домови сеуште чуваат 8 и супер 8 милиметарски филмски ленти да ги донесат своите ленти во просториите на НУФЦ Вардар Филм или да и се обратат директно на авторката на проектот, Катерина Габунија ( [email protected] /070 341 463)

Граѓаните кои со своите ленти ќе учествуваат во проектот, ќе добијат свои дигитализирани копии и секако ќе бидат дел од еден интересен филмски колаж. На овој начин преку архивирање и Дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 мм) од домашната архива на Скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.