По завршување на 13. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, следи втората етапа на Патувачкото кино кое ќе се одржи од 12 до 19 септември во Преспанскиот регион, а поддржувачи се Агенцијата за филм и Националната фондација за демократија од Вашингтон, сопштија од „МакеДокс“.

Во текот на септември екипата на „МакеДокс“ ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне и програмата „Зимски МакеДокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа „Doc Around Europe“.

Во своето 13-то издание фестивалот „МакеДокс“ почна на 18 и заврши на 25 август. Во текот на осумдневното „лупење идеи“ беа прикажани 71 документарен филм во сите категории, дојдоа 83 гости од странство, се одржаа неколку сесии „Разговори под смоквата“ и многу Q/A разговори на филмските автори со публиката.

Посебно задоволство беше да се слуша мастеркласот на почесната гостинка Хелена Тшештикова, како и да се види фокусот на чешката документаристика. Данскиот консултант за документарни филмови, Туе Стен Милер, задоволно „триеше раце“ по одржувањето на работилницата за развој на идеи.

Во филмскиот сегмент беа доделени пет награди и четири специјални признанија, додека во индустрискиот дел се одржа четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот. Меѓу 11-те проекти што учествуваа на форумот беа доделени награди на проекти во развој. Проектите „I Have Never Been On An Airplane“ од Косово, „Prespes Symphony“ од Грција и „The 50TH and 1/2 State“ од Косово добија награда од мрежата „Doc Around Europe“, проектот „Hold Still“ (Турција, Франција) доби награда од Документарната асоцијација на Европа, додека наградата „Pitch the Doc“ ја добија проектите „The 50TH and 1/2 State“ (Косово) и „Punk Under Communist Regime“, копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Србија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.