Уште еден голем успех на пијанистот Кристијан Васев од Делчево. Младиот музичар ја освои втората награда на Меѓународниот онлајн натпревар по пијано, организиран од Здружението на љубители на уметнички креации „УЉУС” од Смедерево, Република Србија, со што уште еднаш докажа дека станува збор за голем талент.

Се работи за Меѓународнен натпревар, кој секоја година во месец мај го организира ова здружение, но годинава поради вирусот Ковид-19 се одржа онлајн. На натпреварот се претставив со дела од Јохан Себастијан Бах, Лудвиг Ван Бетовен и Фредерик Шопен. На мое големо задоволство го освоив второто место, рече Васев по повод добивањето на наградата.

Кристијан Васев, е ученик во 3-та година во ДМУЦ „Сереј Михајлов” во Штип, и како што вели континуирано се подготвувал за овој натпревар преку онлајн настава под менторство на неговата професорка Анита Љуботенска.

Благодарност до мојот ментор за континуираната подготовка за вакви натпревари. Конкретно за последниот натпревар подоготвките беа преку онлајн настава. Вежбам во домашни услови и се надевам во иднина на поголеми успеси, вели Васев.

Ова не е прва награда за младиот пијанист од Делчево. Минатата година Кристијан Васев на истиот фестивал го освои првото место и златниот медал, а Меѓународна награда има освоено и на Пијано Фест во Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.