Време да се соочиме со општеството и да погледнеме под тепихот за да видиме што сѐ таму се криело во текот на годините, вели актерот Никола Настоски во разговор за „Република“ пред премиерата на претставата „Работи за кои не зборуваме“ на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) в сабота, на 16 октомври во 20 часот.

„Работи за кои не зборуваме“ е авторски проект на екипата базиран на лични монолози, анонимни сведоштва и документарен материјал.

Ова е претстава во која многу приказни се испреплетени, како лични, така и собрани од повикот, но и од медиумите, па во тој лавиринт од приказни сите знаеме да заиграме сѐ. Се играме себе си во многу ситуации, ги играме ликовите, понекогаш ликовите се поклопуваат со некој наш став, но главната цел е имено тоа – да им дадеме глас на работите за кои не се зборува јавно, работите кои „демек“ се подразбираат, вели Настоски.

Режиерка на претставата е Нела Витошевиќ. Драматург e Викторија Рангелова-Петровска, а играат Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Сценографијата е на Васил Христов, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, користена е музика на Крсте Роџевски, а изборот го направи режисерката.

Претставата е копродукција на „Вондерленд театар“ и МНТ, а финансирана од Швајцарската амбасада во земјава. Наредните изведби се закажани за 19 и 21 октомври.

Во најавата за претставата чија премиера е во сабота, во МНТ, на малата сцена, пишува дека ова е претстава која преку интимни и емотивни разговори сака да им даде глас на општествените појави за кои не се зборува. Екипата во претставата е мала. Каков е ликот што ти го толкуваш?

НАСТОСКИ: Имено како што и самите сте заклучиле, екипата е мала, па оттука и тоа дека сите во претставата играме повеќе од еден лик. Ова е претстава во која многу приказни се испреплетени, како лични, така и собрани од повикот, но и од медиумите, па во тој лавиринт од приказни сите знаеме да заиграме сѐ. Се играме себе си во многу ситуации, ги играме ликовите, понекогаш ликовите се поклопуваат со некој наш став, но главната цел е имено тоа – да им дадеме глас на работите за кои не се зборува јавно, работите кои „демек“ се подразбираат. Не, не се подразбираат, треба да се отворат, да се дискутираат и да се реши проблемот.

Сите актери учестуваа во создавањето на драмскиот текст. Дали е ова прво твое вакво искуство?

НАСТОСКИ: Ова е второ мое искуство од овој тип, иако морам да кажам дека е сосема различно, неспоредливо. Во моето прво искуство од овој тип, создававме текст преку импровизации на одредени теми, што значи сепак тоа било текст создаден од измислени ситуации. А, спротивно на тоа, во оваа претстава ние имаме само вистинити приказни. Одговорноста да се работи на нечии изговорени или напишани вистини е многу голема. Бара од актерот да се соголи душевно на самата сцена. Линијата помеѓу туѓите и приватните приказни во оваа претстава е многу тенка, на моменти можеби и се поклопува, што ја прави претставата дотолку поинтересна и предизвикувачка за нас актерите. Учествувањето во еден театарски проект од самиот зачеток на истиот е дефинитивно еден процес кој секој актер треба да го помине. Создавањето на текстот од 0 па до она кое ќе го видите на сцена беше едно поврзување со материјалот на сосема друго ниво.

Дали беше тешко да се проникне длабоко во себе и да се изнајде материјал за текстот?

НАСТОСКИ: На моменти беше спонтано и лесно, приказните едноставно излегуваа од нас во текот на самиот процес на создавање. Секогаш бевме инспирирани од многубројните приказни кои пристигнаа на нашиот повик. Но, на моменти беше тешко да се кажат одредени работи гласно, а камоли да се напишат на хартија или одиграат на сцена. Вистината и болката кога ќе добијат реална форма стануваат силни и некогаш неиздржливи, едноставно остануваат како кнедла во грлото и не можат да се изговорат.

Ова не е прва твоја соработка со режисерката Нела Витошевиќ. Дали веќе се препознавате и дали е лесно да се одговори на барањата, на она што се очекува од тебе?

НАСТОСКИ: Нела е режисерка со која сум работел, но и секогаш ќе работам, со огромно задоволство. Има еден многу едноставен, а сепак комплициран начин да извлече од мене нешто што некогаш и сам не сум свесен дека е тука. Дефинитивно се разбираме многу лесно, оттука и нашата честа соработка. А оттука и леснотијата во разбирањето кога работиме заедно. Па така и воопшто не е тешко да се одговори на она кое таа го задава како задача. Секогаш е некој нов и различен предизвик, но е лесно и интересно да се одговори на истиот.

Чудно ли е за актер да глуми она што сам го напишал? Како се снајде? Како твојата приказна се „залепи“ на приказните на другите актери?

НАСТОСКИ: Дефинитивно е чудно да се игра нешто што сам си го напишал. Да се навлезе во сопствените проблеми и стравови и тоа да се отиде баш во длабокото е една навистина тешка задача. А, во суштина е еден многу исцелувачки процес, почнувајќи од пронаоѓањето на проблемот, па се до гласното изговарање и соочувањето со истиот. Кога тоа ќе се стави во театарски рамки има една навистина исцелителна моќ и доколку тоа е направено со потполна искреност, катарзата е дотолку поголема. А во однос на „лепењето“ на сите наши приказни. Па, тоа некако спонтано си дојде во самиот процес, едноставно сите наши приказни се надополнуваа една со друга, почнаа да ни се поклопуваат енергиите, оттука и самите приказни почнаа да се создаваат како производ на сѐ она што сите го споделувавме како енергија. Одамна не сум работел со екипа која навистина создаде убава атмосфера, сигурен простор и целосна доверба, што е клучно за успехот на еден ваков процес. Фала ви Нела, Вики, Драгана, Ивана, Сара и Исмет.

Дали на Балканот уште владее патријархалниот начин на живот?

НАСТОСКИ: Уф, дефинитивно да и тоа во сите сфери, што дури и не знам од каде да почнам да го одговорам ова прашање. Во овој процес сите едногласно решивме дека е време да се соочиме со општеството и да погледнеме под тепихот за да видиме што сѐ таму се сокривало во текот на годините. Тогаш откривме дека нашето општество, кои веќе и на површината изгледа расипано, труло, во суштина си негува една закоравена патријархална култура која цврсто си ја држи својата позиција. Кај нас често се зборува за меѓуродова еднаквост и како таа постои, но навлезете во било која сфера од нашето живеење и малку ѕирнете под површината, па ќе видите дека тоа е само фасада. Ќе видите дека жената е секогаш подолу и секогаш поставена во позиција да служи. Звучи грубо, но како што реков кога вистината ќе заземе форма знае да биде сурова и болна, а ова е нашата вистина. Земете за пример една свадба и само помислете на сите ритуали кои се прават околу истата. Епа од ставањето пари во чевлите на невестата за да се купи, до удирањето од оџак на нејзината главата за да биде „домашарка“, до проверувањето на чаршавот после првата брачна ноќ, ќе забележете дека сите ритуали се генерално направени за да ѝ се покаже местото на жената. Многумина ќе речат дека тоа е веќе само ритуал и дека во денешно време нема некое значење и дека малкумина го практикуваат, но не е така. Напротив, не е само безначаен ритуал, за многумина тоа е нешто кое го применуваат и веруваат во тоа што се прави. Малку се расприкажав на темава и имам уште многу што да кажам, но тоа во некоја друга прилика.

фото: Кире Галевски

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.