Народниот театар Охрид вчеравечер ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ со премиерата „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети, во режија на Коле Ангеловски.

Професионалните актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ –Тодороска, Елизабета Стефановска,Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак покажаа извонредна игра и не го криеја задоволството што работеа со еден од најголемите и најгледани македонски режисери, Коле Ангеловски.

Тие на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ донесоа претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта, за ведрата страна на животот, за малите искри во секој човек.

Чест и задоволство е да се работи со еден од корените на македонскиот театар и македонскиот филм, коренот којшто има име и презиме, Коле Ангеловски. Поминавме еден прекрасен процес и можам да кажам дека воопшто не го ни почувствувавме како процес, како товар или оптоварување. Одлична адаптација на текстот направена од страна на Коле , истакна актерот Стрезо Стаматовски.

И актерот Никола Тодоровски потврди дека самиот процес на креирање на претставата не се ни почувствувал од страна на актерите бидејќи, како што кажа, соработувале токму со режисерот Ангеловски.

Само што ќе се спомне името на овој режисер и актер, различни генерации на луѓе се свесни за кој тип на уметник станува збор. На наше задоволство, имавме чест да работиме со човек којшто има неверојатно искуство и се надевам дека тоа се забележа и на премиерата. Можам да кажам дека ова беше еден од ретките процеси на создавање театарска претстава кој заврши дури пред време. Се надевам дека и натаму ќе имаме соработка со ваков тип режисери, рече актерот Никола Тодоровски.

Коле Ангеловски е еден од најплодните македонски режисери, а само на фестивалот „Охридско лето“ има режирано 27 театарски претстави досега.

Публиката на претставата не престана да се смее и да аплаудира, сите беа среќни и задоволни, а за мене беше чест да работам со таков добар ансамбл како што е Охридскиот народен театар. Сите глумци беа одлични. Многу лесно ја создадовме претставата. Уште пред да дојдам, сите глумци го имаа прочитано текстот и веќе беа подготвени. За 15 дена ја направивме претставата, а потоа само се шегувавме и се смеевме – вели Ангеловски.

Театарската преставата „Секс, лаги и љубомора“ вчеравечер предизвика огромен интерес кај публиката, а како што најавуваат од Народниот театар Охрид, претставата наесен ќе се најде на нивниот редовен драмски репертоар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.