Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини, кажа вчера на промоцијата академик Влада Урошевиќ на неговиот најнов роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“.

Ова е седмиот роман на Урошевиќ. Покрај тоа што е неговиот најдолг роман, тој е и со најдолг и необичен наслов.

Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе – се надевам дека не сум одбил читатели да го земат в рака. Старовремски роман звучи чудно денес, но мислам дека мене ми одговараше. Насловот можете да го сфатите и со извесна доза на хумор, кажано. Овој роман е напишан како еден израз на носталгија кон некогашните книги што сум ги читал. Израз на некоја потреба од враќање во времињата на детството, на првите лектири. Едноставно, сакав да напишам роман како што се пишувало некогаш. Со бавен вовед во настаните, со лесни навестувања на идниот заплет. Со описи на природата на годишните времиња. Сакав да напишам нешто што ќе даде впечаток на текот на времето. Сакав да ја опишам како времето влијае со својот тек врз луѓето, врз предметите, градбите… Се сеќавам во младоста, кога го читав краткиот роман „Кон светилникот“ на Вирџинија Вулф, многу ме фасцинираше една епизода, каде што опишува една куќа што е напуштена. Воодушевува начинот на кој е опишано што се случува кога ништо не се случува – текот на времето. Во новиот роман има многу работи што се случуваат постојано. Но, сакав да го покажам на извесен начин влијанието на времето и хронолошкото време, и на атмосферското време, како ја внесуваат својата промена во сите нешта што постојат. Низ таа постапка сакав да ја изразам минливоста на нештата. Веројатно критичарите ќе се обидат да одредат што сум сакал да кажам. Пред сè, ова не е роман со теза, тука сакав да раскажам една приказна, на колку што можев подобар начин. И тоа ми беше целта – кажа Урошевиќ.

Во присуство на многубројна книжевна публика, претставници од медиумите и читателска публика од сите генерации, вчеравечер, во киното „Фросина“ беше промовиран најновиот роман на академик Урошевиќ – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.

На промотивниот настан беа претставени и неговите евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Промотори на книгите беа авторите на поговорите – Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот го модерираше уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ.

Во неговите романи опфаќа многу жанрови, има научна фантастика, елементи на криминалистички роман, на бајка… Урошевиќ вели дека со секое ново дело е пред нов предизвик да види што може да направи во нов жанр.

Се надевам дека помеѓу сите мои романи може да се најде некоја врска, дека сепак се поврзани. На пример, постои врска меѓу „Маџун“ и „Мојата роднина Емилија“, има врска меѓу „Невестата на змејот“ и „Дива лига“… Морам да признам дека секогаш со некоја доза на страв ги отворам моите објавени романи. Кога повторно ги пречитувам во мене се борат две чувства: едното е чувство на извесна радост што моите книги напишани пред неколку десетици години сѐ уште живеат, сѐ уште доаѓаат до читателите на иницијативата на некои издавачи. Тоа ме полни со извесна сатисфакција. Од друга страна, постои едно непријатно чувство на пропуштена шанса – секогаш кога ќе читам своја поранешна книга, си велам, „ова е мошне добро, но можело да биде и подобро!“ Но, за жал, животот се живее само еднаш и нема враќање назад. Она што сме го направиле – сме го направиле. Како што вели Марко Цепенков: „Стореното не може да се отстори“. Во тоа лежи трагичноста на нашиот живот и истовремено неговата неповторлива убавина – рече Урошевиќ.

Кон „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ и „Вкусот на праските“ се осврна Јелена Лужина.

Седмиот роман на Влада Урошевиќ е еден од доказите дека книжевното уметничко дело мора најпрвин да е УМЕТНОСТ – висока уметност – која само попатно („технички“) може/мора да се „повикува“ на она кое во драматургијата колоквијално се нарекува „содржина на хартија“. Смислата и, во крајната линија, „вистината“ на Шекспировиот „Хамлет“ нема да ја најдеме во таа „содржина“, триж помалку „на хартија“, туку – како што велеа руските формалисти – во „начинот како драмата на Хамлет е направена“. А направена е за да „лебдее“ и да не „допира“, таинствено и сосема необјасниво… Затоа што не е „вистинита“, туку е (само) „веројатна“… Како и куќата покрај Вардар, четирите прстени и сета фина дискурзивна пајажина што „лебдее“ низ седмиот роман на Влада Урошевиќ – рече Лужина.

Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед, животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни…

Романот „Вкусот на праските“ – објавен во 1965 г. – е првото романескно достигнување на Урошевиќ. Приказната почнува со пристигнувањето на еден провинцијалец во градот. Тој случајно се разминува со една девојка, која го маѓепсува и со која се среќава, на сон и на јаве. Потоа земјотрес (катастрофалниот земјотрес од 1963 г.) и смрт. Оттука па натаму е многу тешко да се зборува за „приказната“ на „Вкусот на праските“, бидејќи таа не е од централен интерес на авторот. Тука тој сака да постигне нешто друго. Што е тоа друго што веќе половина век ги мачи книжевните критичари? Едноставниот одговор е: уметност.

Проф. Лидија Капушевска-Дракулевска истакна дека романот или збирката раскази – според преференциите на читателот – насловен/а „Мојата роднина Емилија“ е приказна за детството и младоста на младиот неименуван наратор и неговата исто толку млада роднина. Местото и времето на случување се јасно определени: Скопје за време на Втората светска војна. Но, како што читателот несомнено забележува, тие се само предлошка на фантастичниот свет карактеристичен за речиси сите дела на Влада Урошевиќ. Скопје на Урошевиќ е целосно „изместено“: скриени врати и тајни премини постојано го прекршуваат просторот, а оживеани сеќавања и градби што одамна не постојат го прекршуваат времето; еднорози и други фантастични животни изникнуваат во дворовите и покрај фактите во енциклопедиите; чудни кореспонденции водат и до уште почудни средби, до многубројни каталози на егзотични и мистични предмети и појави; и, на крајот на сè, еден брод што плови по една непловна река. Делото „Мојата роднина Емилија“ или „Осумнаесет затворени раскази кои сочинуваат еден отворен роман“ е една голема и возбудлива авантура што со сигурност никого нема да остави рамнодушен.

Проф. Владимир Мартиновски рече дека сите романи на Урошевиќ се меѓусебно поврзани со нишки.

Тоа што новиот роман е со поднаслов – старовремски роман, тоа што „Невестата на змејот“ е бајка роман, а во „Мојата роднина Емилија“ раскази формираат роман, значи дека Влада Урошевиќ пишува литература, но и металитература. Во неговото пишување има игра, која ги спојува световите, реалното со имагинарното. Во „Невестата на змејот“, на пример, огромното културно и уметничко наследство од претходните генерации е освежено со извонредниот раскажувачки талент на Урошевиќ. Го познавам 30 години лично, а подолго и како и читател, и уште од првата средба Влада Урошевиќ го доживувам како лик од бајка! – рече проф. Мартиновски, кој го напиша поговорот за романот „Невестата на змејот“.

Во суштината, овој роман е приказна за херојот Денко и неговото патешествие од Горниот во Долниот свет за да ја спаси својата сестра Летка од канџите на змејот. Романот изобилува со најразлични мотиви од фолклорот на овие простори, но и од пошироката митска, па дури и алхемиска традиција. Баучи, наречници, змејови и песоглавци го населуваат светот на Горната земја, каде што се случува првата половина од приказната. Во вториот дел, грабнувањето на Летка го води Денко во Долната земја, односно во „нашиот“, „стварен“ свет. Сепак, „романот бајка“ (како што гласи поднасловот) не е само тоа: станува збор за дело во кое народното творештво се преиспитува од современа, критичка дистанца, од книжевен и општествен аспект. Работите не се такви какви што изгледаат на прв поглед. „Невестата на змејот“ е роман што ќе ги задоволи вкусовите и на народното творештво и на современата книжевност, бидејќи во него, на учен и интересен начин, се испреплетуваат и двете – исто како што во приказната се судираат – и на момент се спојуваат – Горната и Долната земја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.