Со традиционалното читање на песната „Т`га за југ“ и моќната порака што во име на поетите од целиот свет ја испрати македонскиот поет и прозаист, академик Влада Урошевиќ, синоќа беа отворени 58-те Струшки вечери на поезијата.

Кога пред многу години, летото 1961 година, 12-те македонски поети меѓу кои и јас, се собраа во Струга да ја прослават 100-годишнината од објавувањето на „Зборникот на народни песни“ на браќата Миладиновци, никој освен нив, не се осмелуваше, ниту да замисли дека тогаш мошне скромен собир ќе прерасне во голем меѓународен поетски фестивал чие име ќе ужива углед и во најоддалечените земји ширум светот. И поетите успеаја да се изборат за својата визија. Фестивалот се разви и се одржа наспроти не секогаш лесните услови, и претставува денес можеби најстар поетски фестивал кој се уште живее. Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде пишувањето песни станува дејност на која јавноста не и подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата преку еден ваков фестивал како што е струшкиот претставува благороден и високо морален чин, истакна Урошевиќ.

Урошевиќ додаде дека она што го одржува денешниот поет се уште да дејствува низ една форма која за многумина е старомодна и изживеана, е отпорот.

Секој чин на пишување песни денес низ светот е еден вид отпор. До вчера во овие краишта тоа беше отпор обидите поезијата да се претвори во орудије на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес песната станува еден вид отпор против се пожестоката и понемилосрдната материјализација на се што постои, рече Урошевиќ, нагласувајќи дека поетскиот израз претставува верба во повисоки вредности, стремеж кон духовност, облагодорување на човекот како суштество, идеал, сон…

Директорот на СВП, Тодорче Тасевски во своето кусо обраќање им порача на љубителите на поезијата да бидат отворени кон благотворното и благородно влијание на поетскиот збор.

Поетите делуваат преку нивните зборови, затоа што нивните зборови се веќе дела, поетски чинови преку кои што вистината и смислата се отелотворуваат убавина пред која се восхитуваме. Ние останатите да бидеме куси во зборувањето, и да зборуваме преку нашите дела, а вечерва сцената да им ја отстапиме на поетите, рече Тасевски.

Добредојде на поетите во Струга им посака и министерот за култура Хусни Исмаил.

Поетите се присутни тука, но иако живеат меѓу нас, не се како нас. Поетите се чувствителната совест на човештвото, тие се луѓето кои ја носат задачата на првиот збор. Тој збор станува вистински комплетен само за поетот и неговиот свет. Бидејќи, навистина на почетокот беше зборот,но и тој на некој начин беше поезија, рече министерот Исмаил.

По свеченото отворање, манифестацијата продолжи со поетското читање „Поетски меридијани“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.