Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија и Фондацијата „Небрегово“, денеска организира манифестација во чест на Блаже Конески.

Поздравно обраќање ќе има на в.д. директорката Јелисавета Костадинова, по што д-р Марина Мијаковска, виш библиотекар ќе даде осврт за изложбата „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“ којашто ја подготви тим од библиотеката.

Изложбата содржи селектиран материјал од општиот фонд и од специјалните збирки на НУБ „Св. Климент Охридски“: објавени дела од Блаже Конески и од други автори за Конески, преводи на негови дела на други јазици и негови преводи од други автори, оригинални ракописи од авторот, фотографии, музички ракописи и печатени партитури од реномирани македонски композитори инспирирани од богатиот книжевен опус на Конески, снимки од негови искажувања, стихови и др.

Изложбата ќе биде претставена во три формати: на плакати, дел од оригиналите ќе бидат изложени во холот на НУБ и виртуелно. На неколкуте таблети поставени во холот, посетителите ќе може да ја погледнат дигиталната изложба со мултимедијални содржини, (со истиот наслов „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“).

Целта на дигиталната изложба е поширока презентација на Конески и приближување на неговата поезија, проза, стручните дела и ликот во целина до јавноста, како и поттикнување на нови идеи за истражување на неговиот богат и разновиден опус. Изложбата е широко достапна преку интернет и можат да ја видат сите заинтересирани на следниве веб-сајтови: – www.nubsk.edu.mk (НУБ „Св. Климент Охридски“); – www.dlib.mk (Дигитална библиотека на РСМ).

Во рамки на денешниот настан, членови на Друштвото на пистелите ќе читаат песни од Блаже Конески, а членови од Фондацијата Небрегово ќе упатат поетски пораки.

НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во рамки на Националната програма за одбележување на 2021 година како година во чест на Блаже Конески, со неколку комплементарни активности ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Конески.

Проектите од Националната програма за одбележување на 2021 година – Година во чест на Блаже Конески се реализираат со поддршка на Министерството за култура и на Министерството за образование и наук. Овие настани се запишани и во календарот на значајни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО, а се под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.