Во сабота, во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Се што ни е заедничко“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Со уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 светски признаени автори и уметници од земјава, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк… Ќе бидат претставени дела од Хито Штејерл (Германија), Тања Бругуера (Куба), Артур Жмијевски (Полска), Џулиета Аранда (Мексико), Адриан Паци (Албаниjа), Даниел Гарсиа Андухар (Шпанија), Сања Ивековиќ (Хрватска), колективот Что Делат (Русија), Антон Видокле (Русија и САД), како и македонските уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.

Утревечер, во 20 часот предавање ќе одржи уметникот и уредник на списанието e -flux, Антон Видокле со наслов: Бесмртност за сите: Филмска трилогија за Рускиот Космизам.

Вистински куриозитет е истражувачкиот перформанс „Лесна_Акумулација на капитал“ на уметницата Христина Иваноска, која ќе го изведува во живо 6 работни денови по 8 часови во музејот. Насловот на проектот е делумно превземен од книгата „Акумулацијата на капиталот“ на Роза Луксембург. Христина се занимава долго време со местото на жената во македонската текстилна индустрија. За да ја почувствува на своја кожа неправдата на овие жени и што значи да се работи под такви детерминирани услови, кое е количеството на труд што се создава и кој е ефектот врз психо-физичката состојба, со музејот ќе потпише „Договор за дело“ во кој музејот ќе се појави како нарачател, а уметницата како извршител на услугата. Таа ќе има право на еден сендвич и шише од 1 литар вода дневно, кои ќе бидат конзумирани без пауза, и право на користење на тоалетот само еднаш во текот на работниот ден. На нејзина сметка ќе и биде исплатена четвртина од износот на минимална плата, согласно Законот за минимална плата, кој беше објавен од страна на Министерството за труд и социјална политика во „Службен весник РСМ бр. 59/19“, а која во бруто износ изнесува 17.943 денари. 30 проценти од исплатениот износ ќе го врати ставајќи го на потсметка на музејот, која ќе биде отворена како дел од овој договор. Средствата кои ќе се акумулираат на оваа сметка преку доброволни прилози на граѓани, институции и фирми, во иднина ќе бидат искористени за поддршка на социјално-ангажирани уметнички проекти и истражувања на авторки од земјава.

Иваноска веќе започна да работи на нејзиниот перфоманс, чиј процес на работа јавноста ќе може да го види од 8.30 наутро до 16.30 и во деновите по отворањето на поставката.

Веќе работам на нов текст, кој ќе продолжам да го истражувам и да го пишувам за време на траење на перформансот. Едновремено во просторот на музејот ќе има поставено топ платно на кое ќе везам текст конструиран од материјалот, кој го исчитувам и кој се однесува на односот труд и општество. Паралелно на ѕидот ќе работам мурал, кој е инспириран од активното вклучување на уметникот во времето на социјализмот во изградбата и просперитетот на земјата преку оплеменување на работничкиот простор. Публиката ќе има можност да го следи развојот на делото во текот на целиот процес“, вели Иваноска.

Ѓорѓе Јовановиќ ќе се претстави со скулптурата „Протестен споменик“, преку која ја преиспитува улогата на уметноста во јавните простори и предлага различно читање и потенцијали на спомениците, нивно реконтекстуализирање, како од потсетници на историјата, често од националистички аспект, тие да се претворат во јавни акции.

Што би се случило кога спомениците не би биле само манифестација на моќ, туку би станале нераскинлив дел на нашите континурани борби? Што би се случило кога на спомениците наместо нивната „фиксирана“ позиција би им се овозможило да бидат динамични во нивната употреба? Како еден споменик може да стане субверзивен и застапувачки? Ова се некои од прашањата кои ги отвора уметникот.

Проектот на Нада Прља „Субверзија во црвено“, кој годинава беше прикажан на 68то Биенале во Венеција, поттикнува враќање кон “заборавените” идеи за идеализмот и идеологијата, како вид мотивација за современото општество. Таа предлага повторното читање и де/ре-конструкција на постулатите на марксистичката теорија и левичарската мисла, со цел да се пронајде нивната компатибилност со денешното општество, преку воведување на суштински субверзивни квалитети и игривост од уметничката практика како начин за индиректно да се влијае врз реалноста. Проектот користи различни уметнички и методологии, вклучувајќи и видео од Црвената дискусија ИИ, експериментален настан кој за време на Венециското Биенале беше изведен во живо со неколку современи мислители и куратори ангажирани во трансформативни практики… меѓу кои Чарлс Еше, Маурицио Лазарато, Влад Морариу (модератор), Шантал Муфе, Лаура Раикович, Артан Садику, кои заеднички се обидоа да најдат излезни стратегии од сегашните услови на социјална несигурност и експлоатација, преку дефинирање на алтернативни насоки за “интересното време” во кое живееме.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.