Во Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ) ексклузивно може да се најдат бесплатни примероци од најновиот број на списанието „Ирониска точка“, кое содржи и авторски проект на големиот уметник Дејвид Хокни (Брадфорд, 1937), еден од најголемите живи уметници во светот.

Ни претставува голема чест што МСУ-Скопје е една од адресите на кои се испорачува ова уметничко дело. Посетете го Музејот на современата уметност и побарајте го списанието во нашата книжарница, примерокот е бесплатен.
Насловен „3Д без очилата“, во описот на овој проект се вели: „На овие слики е додадено време. Не можете да ги видите сите одеднаш, како обична фотографија. Мора да ги погледнете секоја фигура и секој предмет, бидејќи сите имаат своја перспектива. Значи, третата димензија е времето, кое не може да постои без простор. Во просторот сѐ се движи. Тие се направени од Дејвид Хокни, со помош на Џонатан Вилкинсон – информираат од МСУ.

Списанието „Ирониска точка“ е основано во 1997 година од дизајнерката Ањес, уметникот Кристијан Болтански и кураторот Ханс Урлих Обрист. Секоја година се публикуваат од шест до осум изданија, а секое од нив е осмислено од некој значаен уметник, како единствено уметничко дело.

Благодарение на бесплатната и широка дистрибуција и големиот тираж, ова е навистина нетипично списание и со големо влијание: 100.000 копии се дистрибуирани низ светот, во музеи, галерии, книжарници, училишта, киносали, продавници и сл. Инаку, интерпункцискиот знак „Ирониска точка“ е измислен од францускиот писател Алкантер де Брам кон крајот на 19 век, знак што се користи на крајот од речениците (како извичник и прашалник) за да ги означи ироничните делови во текстот – дополнуваат од МСУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.