На големата сцена на Македонскиот народен театар на 18 февруари ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со претставата „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“, поставена според текстот на Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски, информираа од националниот театар.

Премиерната изведба на претставата во Нови Сад се одржала на 15-ти септември 2015 година на сцената „Пера Добриновиќ“. Претставата е копродукција на Српско народно позориште и Центарот за развој на визуелна култура.

Текстот на Дејан Дуковски ја носи приказната за личната епопеја на главниот лик Мара, финансиски скршен шекспиролог во долгови ’до гуша‘, кој тргнува во ирационален поход против корумпираниот систем/општество. Режисерот Александар Поповски на сцената на Српско народно позориште создава утописка мелодрама за можниот Хамлет, кој место да размислува – дејствува.

Во претставата играат актерите Ненад Пеќинар, Душан Јакишиќ, Милорад Капор, Игор Павловиќ, Страхиња Бојовиќ, Радоје Чупиќ, Јована Стипиќ, Гордана Ѓурѓевиќ Димиќ, Алиса Лацко и Даница Грубачки. Сценографијата за претставата е дело на Таџисер Севинџ и Саша Сенковиќ, костимограф е Марина Сремац, на сценските движења работеше Иста Степанов, додека асистент на режисерот е Момчило Миљковиќ. Декорот, костимите и останатата сценска опрема е изработена во работилницата во Српско народно позориште.

Претставата „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“ на Српско народно позориште ја доби Гранд-при наградата за најдобра театарска претстава на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ во 2015 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.