Со почеток од 20 часот, вечерва во галеријата во Младинскиот културен центар (МКЦ) се отвора изложбата на скулптури „Детска фантазија“ на Ненад Тонкин.

Изложбата, како што информираат од МКЦ е серија скулптури инспирирани од цртежи на деца на возраст од 4 и 5 години. Некои од скулптурите кои се изработени во разни вајарски техники, а кои се изработени од рециклирани материјали се самостојни, додека некои во група формираат сцени од замислен свет.

Уште од мала возраст сум посакувал ликовите и предметите од моите цртежи да оживеат. Нацртаното дете, некое чудно животинче, разните смешни растенија или куќи сето тоа со едно трепнување да се појави пред мене. Таква фантазија развиваат многу деца и сите тие веруваат во чуда и во ниеден момент не се сомневаат дека нестварното е невозможно. Во детскиот свет сè е стварно и возможно. Но, навлегувајќи во матрицата на возрасните луѓе тие осознаваат што е можно, а што не е, објаснува Тонкин.

Тој вели дека работејќи во детска градина во еден период, открил колку фантазирањето е важно за креативниот развој на децата, а посебно кога таа фантазија е пресликана во цртеж.

Леснотијата, едноставноста и неоптовареноста што децата ги користат при создавање на цртежите ми побуди голем интерес. Тоа ми отвори шанса за поконкретно размислување и барање начин за реализација на една моја неостварена желба: ‘оживување’ или предметно материјализирање на детските цртежи. Преку анализа на голем број детски цртежи почнав да градам идеја на каков начин да ги создадам нацртаните ликови, чудните и нереални објекти, растенија, животни. ‘Детска фантазија’ е мојата фантазија, додава тој.

Тонкин е дипломиран вајар и сценограф на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошкиот факултет. Има реализирано шест самостојни ликовни изложби и повеќе групни во Македонија, Италија, Германија, Словенија, Црна Гора и Турција.

Инаку, изложбата е одбрана на магистерски труд на Тонкин на тема „Уметнички предизвик – од детски цртежи до скулптура“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.