Синоќа во популарната битолска „Магаза“ се одржа презентација на кратки филмови од филмскиот фестивал „Мекал“ од Барселона, а претходно публиката таму можеше да ја види и селекцијата на кратки филмови од фестивалот во Познањ, Полска. Со овие два фестивала „Браќа Манаки“ од оваа година започна соработка и веќе имаше своја презентација во Полска.

Александар Трајковски ја промовираше својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“, која е прва пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.

На прес конференција, Тудор Мирчеа, кинематограферот на филмот „Свиркачи“ во разговор со селекторот на официјалната програма, Благоја Куновски Доре, сподели искуства од снимањето на филмот кој е политички трилер.

Ова е фестивал на кинематографери и потребно е тие да бидат овде. Ова е ваш Фестивал, рече Куновски, кој потенцираше дека и при самата селекција на филмовите отворено од нив бара да присуствуваат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола доколку биде селектиран нивниот филм.

„Свиркачи“ е интересен филм и поинаков е од сите филмови кои ги снимале со режисерот Корнелиу Порумбоиу, со кого се пријатели уште од училишните денови.

Досега снимавме на филмска лента, овој пат снимавме дигитално и имавме многу кадри. Драмата се случува во Романија, Канарските острови и во Сингапур. Овој свиркачки јазик на Канарите го учат малите деца на училиште и еден од ликовите во филмот е учител од вакво училиште. Корни гледал документарен филм за тоа и оттаму е идејата за ваков филм. Сцената во паркот во Сингапур беше една од најтешките сцени. Имавме само 10 минути за снимање, и поставивме нешто како скриена камера бидејќи не ни беше дозволено да поставиме дополнително осветлување, рече Мирчеа.

Според него, различниот пристап кај овој филм произлегува од одлуката на Корнелиу да привлече публика, бидејќи тоа е голем проблем. Иако филмовите добро поминуваат на фестивалите во Кан, Венеција итн. публиката во Романија е малубројна.

Рон Јохансон, кинематографер од Австралија допатува во Битола за да присуствува на состанокот на бордот на ИМАГО кој се одржува во рамките на Фестивалот, денеска извои време да разговара со новинарите.

Прекрасно е да се биде овде во Битола. Фестивалот „Браќа Манаки“ многу го ценам, Австралија е дел од ИМАГО и затоа сум тука. Фестивалот „Браќа Манаки“ е многу популарен во Австралија, бидејќи тој станува како еден семеен настан. Во Австралија е многу ценето да се дојде овде и мислам дека во иднина ќе има уште повеќе учесници и гости на Фестивалот од Австралија, рече Јохансон.

Од селекцијата на кратките филмови, беше прикажан македонскиот филм „Вера“, а актерката која ја толкува главната улога и авторот на музиката во филмот споделија искуства од снимањето. Музиката во филмот е светска етно музика изведена на саксофон, инспирирана од јапонската музика и заедно со актерскиот и режисерскиот дел е доста суптилна.

Постои црно и бело, а крајот на филмот е отворено прашање и тоа уште на почетокот на снимањето, на некој начин, треба да се затвори. Тоа помеѓу црното и белото е добро да постои зошто ќе ја донесе одлуката. Според мене добро е што оставиваме отворен крај за гледачот да не е до крај сигурен што се случило, рече Симона Димковска, актерка од филмот.

Ана Чкониа, претставничка на Филмски фонд на Грузија, која годинава е земја во фокус на ИФФК „Браќа Манаки“ разговараше Јиспер Андерсон од Филмскиот инсистут на Данска.

Многу сум среќна што Грузија е избрана да биде земја во фокус на Фестивалот. Селекцијата е одлична, тоа се модерни филмови од последните десет години. Државата инвестира и ги поддржува младите професионалци. Кај нас визуелниот израз повеќе ги обзема гледачите, не се толку силни сценаријата, рече Чконија која ги претстави начините на кои работи грузизската кинематографија.

Режисерката на документарниот филм „Марселин. Една жена. Еден век“, Корделија Дворак, разговараше со директорката на фестивалот Гена Теодосиевска за документарниот филм воопшто и неговата иднина, но и за филмот посветен на извонредната француска филмска режисерка, авторка, продуцентка, актерка и уметница, Марселин Лоридан-Ивенс, радикална хроничарка која го преживеала холокаустот.

Структурата на документарниот филм особено во последниве 20 години е особено променета во Европа и режисерите кои работат документарни филмови почнуваат да истражуваат на еден длабок начин за да ги состават сите елементи заедно и да ги прикажат сите аспекти, посочи Теодосиевска.

Структурата на проширување на документарниот филм, според Дворак зависи од условите во кои се прави филмот.

Кога снимате документарен филм не можете секогаш да претпоставите во каква ситуација ќе се најдете. Јас морав да искусам разни ситуации при снимањето, но најмногу сум фокусирана на протагонистот и повеќе правам портретирање отколку било што. Мора да бидете многу добро подготвени, да направите добро истражување за да бидете подготвени за се што може да се случи, но и да бидете целосно отворени, љубопитни, подготвени да го снимите она што ќе се најде пред камерата и веднаш да изреагирате на тоа, иако концептот може да се смени. Вие повеќе не сте оној што води и којшто снима. Приказната и она што се случува пред вас е она што ве води, откри Дворак.

Таа подвлече дека во Германија се поддржува снимањето на документарците, иако тие не прават профит, но тоа правилно и треба да се прави во цела Европа, треба да се едуцира публиката, бидејќи тие ги менуваат и оние кои работат на филмот, но и публиката.

Секој процес ве менува, а во овој посебен случај Марселин соработуваше во филмот на многу необичен начин. Она што ме импресионираше беше тоа што таа беше многу малечка, но имаше голема сила. Секогаш и покрај сите здравствени и други потешкотии, таа наоѓаше начин да се избори за себе и за другите, рече Дворак, која подвлече дека ужива на Фестивалот во Битола на кој се дискутира за филмови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.