Во четврток, на 22 октомври на терасата и отворениот простор околу Мултимедијалниот простор „Кафе и филм Котур“, со почеток од 17 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Деца во длабоко“ од Давид Ангелевски.

Авторот е музичар роден во Скопје. Со музика активно се занимава од 2003 година, кога го стартува соло музичкиот проект Pikolomini со кој до денес има издадено девет студиски остварувања. Во меѓувреме, работи и издава музика под уште неколку псевдомими, меѓу кои Tribute to Dead Gentleman и Скопски сновиденија. Во оваа збирка се поместени 35 песни или текстови за музички композиции од овие три соло проекти.

Можеби сензибилитетот на изразот на Давид Ангелевски е строго умствен и ги користи сите проникливи алатки на интелектот во анализирање и обидот да ги разбере „голите светови кои чекаат за спас“, сепак иако рационализмот е „превозното средство“ кое Давид мајсторски го користи, се чини дека изворот има потопла „земја“ на раѓање и е многу поблизок до фреквенциите на градниот кош. Зад навидум дистанцираниот когнитивен пристап како да стои длабоко емотивна потреба и дестинација… Со многу љубов за неа, за Скопје, за градот, кој е освоен во мир… без борба, вели во предговорот Кристина Горовска.

Книгата е независно издание на издавачката етикета АШ, печатено на рециклирана хартија во 123 примероци.

Сликите на корицата се дело на Илија Маџаров.

Настанот ќе се одвива согласно пропишаните Ковид мерки за безбедност и заштита на јавното здравје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.