Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ синоќа во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ беше отворена изложба на фотографии од театарски претстави по повод одбележувањето на 90 години од првата официјална театарска претстава пред бројна публика во Кавадарци.

Во спомените на Славчо Темков објавени 1980 година се наведува дека првата посериозна претстава за која постојат и податоци се смета претставата „Зла жена“ изведена уште 1924 година во која игра група ентузијасти меѓу кои Александар Линин и Ристо Поп-Стефанов. Потоа следуваат претставите „Кољо и Невенка“ и „Цар Киро“ каде како режисер и сценограф се појавува Славчо Темков.

Меѓутоа според Темков во 1929 година се случила првата официјална целовечерна театарска претстава пред бројна публика во тогаш новиот хотел „Балкан“. Тогаш театарската група дејствувала во рамките на Културно уметничкото и и спортско друштво „Братство“.

Една од позабележителните претстави од предвоениот театарски живот во Кавадарци била претставата „Слугата Јернеј и неговото право“ во режија на Апостол Апостолов и Славчо Темков во која главните улоги ги толкувале Милан Даскалов и Димката Ангелов – Габерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.