Продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, како македонски продуцент почна со снимањето на филмот „Сирена во Париз“. Се работи за белгиско-француско-македонска копродукција, мјузикл и еден од најочекуваните кинематографски настани во Франција, во режија на Матијас Малзју, француска музичка суперѕвезда.

Како што соопштија денеска Агенцијата за филм и Продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, во филмот игра шпанската актерка Роси Де Палма, ѕвезда на европската кинематографија, музата на Педро Алмодовар, која минатиот викенд пристигна во Битола на снимање.

Снимањето на „Сирена во Париз“ во нашата држава ќе се одвива шест седмици, од кои една во Битола, во битолската клиничка болница. „Д-р Трифун Пановски“ каде веќе интезивно се снима, а останатото време во Скопје, во студиото „3ХФХ“. Потоа целата екипа продолжува со снимање во Франција.

Како дел од актерската екипа е и Ерик Кантона, француски актер и поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, кој ќе дојде на снимањето во Скопје. Во филмот играат и Лабина Митевска, Роман Борaнжи, Алексис Михалик, Никола Авине, Лара Бејер и други.

Снимател на филмот е Белгијката Виргиние Сант Марин, која веќе има традиција на успешна соработка со продуцентската куќа „Сетри и Брат Митевски“. Таа во нашата земја ги снимаше и двата филма на Теона Стугар Митевска, „Јас сум од Титов Велес“ и „Господ постои, името му е Петрунија“.

Филмот е продуциран и ќе биде дистрибуиран од СОНИ, а македонски продуцент е Лабина Митевска, со Продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“.

Агенцијата за филм истакнува дека покрај сите други карактеристики кои ја прават Република Северна Македонија привлечна дестинација за снимање, многу важна е и успешната примена на мерката за право на поврат на вложените средства која, како што се наведува во соопштението, всушност привлекува големи филмски имиња да соработуваат со македонски филмски професионалци.

На почетокот на октомври се очекува во нашата земја да дојде и телевизиската продукција „Нетфликс“ за да снима дел од новата мини серија „Во ноќта“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.