Во просториите на НУ Археолошки музеј на Република Македонија е отворена изложбата под наслов „Владетелска гробница во село Бразда – 35 години од откривањето и 10 години од отворањето на Архео Парк Бразда“, во организација на Здружението на граѓани Институт за археолошки истражувања – Скопје.

Како што наведува Музејот, целта е да се промовира еден уникатен археолошки локалитет преку најдобрите фотографии изработени изминатите неколку декади.

На изложбата се претставени професионални фотографии кои се изработени од периодот на откривањето на ова културно наследство преку археолошките истражувања кои следувале, а се заокружуваат со фотографии од периодот на подготовката на архео-паркот и самиот парк.

-Археолошките истражувања со кои е откриено ова монументално здание се одвивале во 1986 и 1987 година, а Архео Паркот е отворен во 2013 година, така што 2022 година ја заокруживме со одбележувањето на 35-годишнината од откривањето на гробницата. Во 2023 почнуваме со обележување на 10-годишнината од отворањето на Архео Парк Бразда. Со оваа изложба сакаме да ја доближиме археологијата до нашата публика и едноставно да ја зголемиме понудата на културни настани во Скопје. Се надеваме дека изложбата ќе разбуди голем интерес и дека дел од посетителите ќе ги испровоцираме да го посетат и самиот археолошки локалитет Градиште во село Бразда, изјави претседателот на Здружението, Радомир Ивановиќ.

Влезот за изложбата е бесплатен и може да се посети во просториите на НУ Археолошки музеј до 28 февруари секој ден, од 10 до 18 часот, освен понеделник.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.