Познатиот српски актер, продуцент и водител Никола Ѓуричко (45) на 15 ноември (петок) во Домот на АРМ во 20 часот ќе настапи со своето стенд ап шоу „Сè што сте сакале да знаете за Џони, а не сте смееле да го прашате“. Следниот ден, на 16 ноември, гостува во Штип.

Во „Сè што сте сакале да знаете за Џони, а не сте смееле да го прашате“ Ѓуричко дава одговор на прашањата: Што морал да пее во прво одделение, за колку пари ги продавал туристичките аранжмани за Хаваи, зошто носел хеланки, како добил две наградни излегувања во град…Ѓуричко во својот степнд-ап објаснува како правилно се користи кондом и што не смее никогаш да се става во очи. Стенд-ап шоуто на Ѓуричко веќе две години се прикажува во регионот.

Ѓуричко (45) е актер, музичар и телевизиски водител кого јавноста го препознава по улогите во филмовите „Ќе се вратат штрковите“, „Зона Замфиова“, „Ивкова слава“ „До коска“, како и во многу популалрните тв-серии „Монтевидео, бог те видео“, „На пат за Монтевидео“, „Монтевидео, се гледаме“, како и филмот „Монтевидео, се гледаме“. Глумеше и во серијата на својот колега Драган Бјелоглиќ „Сенки над Балканот“, како и во дебитантскиот филм на Светозар Ристовски, „Илузија“, македонски филм во австриска копродукција од 2004 година со Мустафа Надаревиќ, Владо Јовановски, Дејан Аќимовиќ и Марко Ковачевиќ. Глумеше и во филмот кој го режираше холивудската актерка Анџелина Џоли „Во земјата на крв и мед“.

Гостувањето на Ѓуричко во Скопје и во Штип е во организација на КМК продукција.

За вашот стендап во Скопје и во Штип најавен за 15 и 16 ноември владее големо интересеирање. Што ќе и понудите на скопската и на публиката во Штип? Зошто треба да дојдат?

ЃУРИЧКО: Малку му е срам да наговарам некого да дојде и да ме гледа. Имав повеќе од 90 настапи ширум просторите на поранешна Југославија и сега првпат со шоуто доаѓам во Македонија. Се надевам дека тие 90 претстави се доволна препорака. Имам впечаток дека секогаш сум сум бил добредојден каде и да сум гостувал, па и во Македонија се надевам на сличен таков прием.

Дали е лесно да се „отвори“ душата на публиката која дошла да ве гледа на степнд-ап шоу, дали е полесно да се зборува пред непознати или пред некој што добро те познава?

ЃУРИЧКО: Мојот настап не е конципирран како некој разговор со психијатар кому му се исповедувам. Станува збор за анегдоти, некои се забавни, смешни и откачени ситуации кои сум го доживеал на своето патување низ животот. Мислам дека би било непристојно да ја оптоварувам публиката со моите приватни проблеми. Стенд-апот е многу едноставна и директна форма на комуникација со публиката и секое комплицирање е непотребно.

Потребата за уметноста е потрага по вистината, убавината, еден вид ослободување и привилегија животот да се сфаќа поинаку, вели Ѓуричко

Каков е статусот актерите денес во Србија? Дали може да се живее од глума?

ЃУРИЧКО: Тоа се многу тешки прашања. Каков е статусот на просветните работници, лекарите, пожарникарите или пензионерите? Актерите се луѓе како и сите други и тие ги делат проблемите на општеството во кое живеат и работат. Јас не сакам да жалам, бидејќи има луѓе кои живеат многу тешко, па сметам дека не е пристојно да кукам. Но, дека е тешко, на сите им е тешко.

Порано се говореше дека да си актер е привилегија и чест. Дали така се чувствувате? Дека сте привилигирани да бидете актер, и дека ви е чест да го работите она што го работите?

ЃУРИЧКО: Не сум сигурен дека тоа се вистинските изрази. Повеќе ми звучат како за во војска – првилегија и чест. Актерството е професија и некој вид животно определување. Како и во секоја професија, така и кај актерството има моменти кога се чувствувате привилигирано, но има и моменти кога честа не ви дозволува да работите одредени проекти. Но, моето чувство е дека потребата за уметноста е потрага по вистината, убавината, еден вид ослободување и привилегија животот да се сфаќа поинаку.

Со кого се дружите кога доаѓате во Македонија? Кои се вашите пријатели во Скопје? Актери, можеби спортисти?

ЃУРИЧКО: Главно, тоа се луѓе со кои сум работел, но и некои добри и интересни лица кои ги запознавам кога доаѓам.

Работите многу и на филм, и во театар, работевте како режисер, водител… Дали сакате да го правите сето тоа, или едноставно морате, за да преживеете?

ЃУРИЧКО: Јас мислам дека не е можно да се прави нешто, ако не се сака, барем малку или пак на некој начин низ таа работа не се открива нешто ново. Резултатите се различно, но искуството е непроценливо.

Српските медиуми објавија дека планирате да се преселите во Америка. Дали е тоа вистина?

ЃУРИЧКО: Моето семејство и јас живееме во Лос Анџелес, но јас на тоа не би давал сензационалистички призвук. Сакавме сите, фамилијарно, да пробаме да живееме и да работиме заедно во Америка и тргнавме да ја оствариме нашата желба.

Кој е поубав, а кој е покарактен актер, Војин Ќетковиќ, Драган Миќановиќ или Никола Ѓуричко?

ЃУРИЧКО: Не сум меродавен да ја оценувам машката убавина, така што тој дел ќе го прескокнам, но Војин и Драган се мои драги колеги и врвни актери. Со додавка дека јас сум му венчален кум на Војин и ја крстив Мила, една од двете негови ќерки, така што со него сум семејно врзан. А со Драган играв во неколку многу успешни филмови и претстави и секогаш се радувам кога тој ми е партнер.

Дали постои некој разговор за соработка со македонски уметници, за улога во некој филм или театар? Со кого би сакале да работите? Имате ли посебна желба за соработка со некој режисер или актер?

ЃУРИЧКО: Поради моите обврски, послабо ја следам сцената во Македонија и жал ми е поради тоа. Многу научив и одлично соработував со режисерот Слободан Унковски. На неколку проекти работев и уживав со Александар Поповски. Целата наша белградска генерација беше фасцинирана од македонските актери кои играа во многу познатите претстави „Буре барут“ и „Маме му“ и Никола Ристановски, Тони Михајловски. За жал, само еднаш ја имав таа радост да снимам филм во Македонија и се надевам дека таа радост ќе ми се повтори.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.