Турската режисерка Јесим Устаоглу, која годинава е член на жирито на фестивалот „Киненова“ на македонската публика и беше претставена со три филмови во програмата „Посветено на…“. Станува збор за филмовите „Патување до Сонцето“, „Сомнеж“ и „Пандорината кутија“, кој ќе биде прикажан утре.
За филмот „Патување до Сонцето“ музиката ја компонираше Влатко Стефановски, кој во текот на фестивалот ги посети сите проекции и одговараше заедно со Јесим на прашањата од публиката.
-Музиката не треба да е „забележлива“ во филмот, туку таа треба да го надополнува на некој начин, треба да е таму каде што треба и кога треба, за да ги засили чувствата и да ги потенцира, искристализира емоциите, рече Влатко.
Денешната програма на Фестивалот продолжува со проекции од 18 часот во Кинотека со филмот „Шевови“ на Мирослав Терзиќ.
Уште во поранешна Југославија, но и во денешна Србија, јавна тајна е дека одредена бројка новороденчиња добива нови адреси на живеење, а на родителите им се соопштува дека бебето, за жал, само што се родило, веќе заминало на оној свет. Ана и по 20 години не може да се помири со приказната која и’ била сервирана, и на секаков начин се обидува да ја дознае вистината. Комбинирајќи ги жанровите „трилер“ и „драма“, овој српски филм влегува длабоко во сензибилната тема чија емотивна нишка нема да ве остави рамнодушни.
Од 20 часот во Кинотека е проекцијата на филмот „Прасето“ на Драгомир Шолев, филм кој е во официјална селекција.
13-годишниот Румен секојдневно е малтретиран од соучениците во училиштето. Аутсајдер, осаменик и интровертен, тој никогаш не се осмелува да возврати. Но, еден ден црвената линија е надмината и следи фаталниот напад чиј краен резултат е сосема неизвесен. Снимен претежно со камера од рака, филмот на Шолев на неверојатно уверлив начин влегува во интимата на еден тинејџер чиј свет може комплетно да се сруши доколку не погледне длабоко во себе и не пронајде сила да излезе на површина, онаму каде дневните демони ништо не му можат.
Проекцијата на филмот „Шпанија“ од 22 часот во Кинотека ќе го заокружи денешниот ден. Режијата е на Родриго Сорогојен, кој во овој жесток политички трилер кој изобилува со познатата шпанска страст, го следи животот на популарниот политичар, чие богатство го стекнува на сосема нелегален начин. Се чини дека на животот на висока нога му се гледа крајот откако еден весник ќе ја фокусира јавноста врз неговиот развратен животен стил исполнет со каприци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.